Литија во чест на празникот Св.Никола

Првпат годинава здружението на граѓани „Коледари“, чувари на традицијата  со поддршка на свештенството на Кумановско- осоговската епархија организираа  литија во чест на празникот Свети Никола, кој воедно е и заштитник на градот. Верниците тргнаа од Соборниот храм Свети Никола, ги поминаа централните градски улици  и завршија пред платото на центарот за култура „Трајко Прокопиев“.

– Очекуваме голем одзив од граѓаните, се надеваме на поддршка од нашите граѓани да го прославиме овој ден и да се прошетаме низ улиците на Куманово. Основната цел е да го прославиме овој убав ден , Св.Никола е празник и на градот и на многу граѓани , треба да се прослави на еден убав начин и да се памети овој ден, изјави Марко Спасовски, секретар на ЗГ „Коледари“

Со своето учество во литијата, иницијативата за вакво одбележување  на денешниот празник ја поддржа и градоначалникот Максим Димитриевски.

– За првпат дојде иницијатива до мене од страна на ЗГ„Коледари“ -, чувари на традицијата и од Кумановско -осоговската епархија со задоволство ја прифативме и секако денеска сме тука како граѓани да дадеме свој придонес на оваа организирана литија која што ќе се организира, ќе има дефиле во градот и секако во духот на православието и традиционалните норми да го одбележиме денот . На сите оние кои што го празнуваат Св.Никола како домашна слава им посакувам успех , здравје, просперитет и секако ги повикувам следната година да не има во уште поголем број бидејќи традицијата е нашето секојдневие и истата треба да биде негувана . Доколку ја изгубиме традицијата нема да можеме да креираме иднина која што ќе биде во склад на односите на взаемно почитување и секако помирување.

Членовите на „Коледари“  очекуваат наредната година да им се приклучат уште поголем број сограѓани во заедничкото одбележување на празникот Свети Никола, бидејќи планираат оваа активност да стане традиционална.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)