Лицата со попреченост немаат пристап до јавни информации

Информациите од јавен карактер не се достапни за лицата со попреченост од североисточниот регион , покажува двомесечното истражување на општинските веб страници што го направи здружението Инклузива од Куманово. Проектот „ Јавни информации достапни за лицата со попреченост“ е со цел да им се помогне на општините да обезбедат соодветен пристап до информациите, но и да спречат дискриминација врз основа на попреченост.

-Нашите препораки произлегоа од тоа што ниедна веб страница не е целосно достапна и пристапна така што информациите од јавен карактер да им се овозможат на лицата со попреченост. Најголема недостапност е за слепите лица, но исто така и за другите видови на попреченост, изјави Благица Димитровска, Здружение Инклузива

Локалната самоуправа веќе изнаоѓа за ново софтверско решение, односно се изработува современ веб портал на општината каде што ќе бидат објавени и достапни за сите категории на граѓаните информациите од јавен карактер, вели градоначалникот Максим Димитриевски.

-За прв пат ќе ги изнесеме во јавност сите договори кои што општината ги склучува за да може непречено да функционира, тоа значи комплетните тендерски постапки, постапки во делот на јавните набавки ќе бидат ставени на увид на граѓаните, што тоа општината договара, за што разговара, какви договори склучува градоначалникот и општината за да може непречено да се гради инфраструктура и сите останати комунални потреби на граѓаните и договори кои одат согласно тендерската постапка, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

Димитриевски апелираше до централната власт и надлежното министерство да земат поактивно учество во надминување на проблемите на лицата со попреченост преку формирање нови дневни центри, градење соодветна инфраструктура и изнаоѓање трајно решение за згрижување на овие граѓани по навршување на 18 години.

Откако Инклузива ќе заврши со јавните дебати и предвидените обуки на лицата со попреченост, ќе бидат поднесени иницијативи до сите шест општини од североисточниот регион  да назначат лице кое што е обучено за комуникација со граѓаните со различен вид на попреченост.

Коментари

коментар(и)