Лицата со попреченост не се вклучени во политиката

На изборните листи за пратеници во државата, нема ниту едно лице со кој било вид на попреченост, покажува истражувањето на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“, кое  е во рамки на проектот Учество на лицата со попреченост во политичкиот и изборниот процес во Република Македонија. Целта на проектот е во иднина овие лица да бидат вклучени во политиката, да гласаат и сами да си ги застапуваат правата. Од Инклузива велат дека досегашните резултати покажале дека лицата со оштетен вид не гласаат самостојно, бидејќи друг ја заокружува бројката, а тие не знаат дали и дале поддршка на партијата која што сакале.

-Во тек сме на активности информативни работилници за лица со попреченост за пристапот до гласачкото место, начинот на гласање, запишување во избирачки список, издадена е и брошура и прирачник на разбирлив начин кој е достапен на сите лица со попреченост, исто така за лицата со општетен вид подготвен е прирачникот на аудио верзија затоа што овие лица ниту можат да се запознаат со програмите на политичките партии ниту е адаптирана каква било содржина за да можат да одлучат за кого да гласаат. Ние понатаму ќе се залагаме во извештајот кој ќе го подготвиме од истражувањето што го спроведуваме за гласачко ливче барем бројките да бидат на брајова азбука –посочи Благица Димитровска од Инклузива.

Според истражувањата на Светската здравствена организација дури 15 проценти од населението се лица со попреченост.

– За лицата со оштетен слух сите наши работилници се со знаковен јазик за да бидат информирани на јазик кој им е потребен. Досега политичките партии како што следиме на митинзите немаат толкувач на знаковен јазик ниту пак нивните програми се подготвени со аудио верзија. Во нашите препораки за понатаму ќе гледаме да ги информираме овие партии да бидат достапни сите материјали за секое лице со попреченост-нагласи таа.

По изборите здружението ќе спроведе јавни дебати при што на иста маса со политичарите ќе расправаат за подобрување на состојбата со оваа категорија граѓани. Проектот Учество на лицата со попреченост во политичкиот и изборниот процес, се имплементира од 1-ви септември до 28-ми февруари наредната година, а е подржан од фондацијата Отворено општество.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)