„Абер 2015“ е меѓу 13-те локални акциони групи кои што добија решенија за регистрација од министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Оваа локална акциона група формирана во 2015 –та година во рамките на проект во кој што беа вклучени американската и швајцарската амбасада ќе делува во руралните средини на Куманово, Старо Нагоричане и Липково, информира претседателот Дејан Ѓорѓиевски.
– Тие се носечка сила на руралниот развој и цела рурална Европа што подразбира места каде што има повеќе од 1.000 а помалку од 120.000 жители или кај нас помалку од 100.000 жители влегуваат во таа класификација и се развиваат преку овие локални акциони групи. Самата локална акциона група кај нас во Куманово е формирана од страна на Музеј Куманов, Општина Куманово, Општина Липково и од приватни поединци и бизнис секторот и има за цел да ги слушне барањата на луѓето, членовите сами кажуваат кои се нивните визии и потреби за развој на околината во која што делуваат односно во руралната околина, така што нашите проекти и апликации за проекти ние ги темелиме од потребите на руралното население и на бизнисите кои што се во руралниот сектор. Тоа претставува прв чекор кој што ни е многу потребен за да го премостиме овој период додека не бидеме регистрирани и во Европската мрежа на лагови, а тоа ќе започне паралелно со имплементацијата на Лидер- програмата која што е дел од програмата на ЕУ за рурален развој и откаде што очекуваме да ни дојдат сите финансирања. Сега ни е понудена институционална и финансиска поддршка само од министерството за земјоделство и очекуваме да си стојат на зборот за да можеме да го премостиме овој период, изјави Дејан Ѓорѓиевски, претседател на ЛАГ „АБЕР 2015“
ЛАГ-овите претставуваат еден облик на јавно приватно партнерство во кое се вклучени самите земјоделци, земјоделските здруженија, бизнис-заедницата и локалните самоуправи. На овој начин, велат, земјоделците и населението во руралните средини ќе имаат можност директно да ги посочат своите барања и потреби во однос на развивање на руралните средини, и тоа не само од аспект на земјоделството, туку и од апсект на подобрување на руралната инфраструктура, развивање на руралниот туризам и подобрување на животната средина.