„Македоника“ распишува конкурс за млади автори

Во Центарот за култура вчеравечер фондацијата „Македоника“ го презентираше проектот „Воведување на младите автори во дигиталната издавачка индустрија“ кој што финсиски и институционално е подржан од „Меѓународниот фонд за подршка на културата“ на УНЕСКО. Проектот на фондацијата е единствениот проект од Македонија кој што е избран од УНЕСКО освен проектите кои што светската организација ги има доделено за Охрид. Можност за учество имаат  автори од Република Македонија, а формата на книжевното дело може да биде од сите видови кои што постојат во литературата. Од фондацијата посочија дека право на учество имаат припадници од сите етнички заедници така што заинтересираните своите текстови можат да ги праќаат на својот мајчин јазик заедно со една копија со превод на македонски, а делата ќе бидат објавени двојазично. Најдобрите четириесет автори од сите кои што ќе аплицираат ќе бидат наградени со авториски хонорар и ќе бидат објавени во бесплатната дигитална библиотека на Македоника. Од фондацијата истакнаа дека најдобрите автори ќе добијат голема помош за промоција и афирмација на нивното дело.

-Најдобрите четириесет дела ќе бидат хонорирани и објавени. Ќе има форум на млади читатели кои што ќе коментираат, ќе оценуваат. Најдоброто дело по завршување на проектот ќе биде посебно наградено. Она што е битно УНЕСКО во сите сто девеесет држави на Обединетите Нации ќе ги промовира сите четириесет млади автори, тоа е шанса за светска афирмација и промоција како и поттикнување на пишувањето и читањето, вели Владимир Ичокаев, претставник од фондација „Македоника“

Проектот е наменет за млади автори поради неможноста на неафирмираните писатели да се вклучат на литературната сцена. Издавачките куќи вообичаено вложуваат во веќе познати и признаени автори. Од фондацијата очекуваат правилен избор поради професионалната комисија составена од професори, доктори на науки од двата института за македонски јазик и литература.

-Самиот проект имаше возрасни граници за автори од осумнаесет до триесет години. Буквално ги промовираме младите автори. Проектот трае дванаесет месеци. Два месеци се припремни за промоција. Секој месец по четири дела ќе бидат објавувани, читани, оценувани и наградувани , вели Владимир Ичокаев, претставник од фондација „Македоника“

Со овој проект како што посочија од фондацијата голем број на млади таленти ќе имаат шанса да се претстават со своите дела пред голем број на читатели. Фондацијата постои скоро три години и има голем број на читатели, а делата на избраните автори во дигиталната библиотека ќе го делат виртуелниот простор на Македоника со последно објавените дела на видните македонски писатели академици.

-Голем број дела се навистина сочувани заклучно со оние кои што одамна не се во тираж. Голем број нови талентирани автори ги промовираме, а сме достапни за голема читателска публика, бидејќи библиотеката е бесплатна. Имаме преку четириесет илјади членови, триесет и шест илјади се македонци од сите делови на Македонија и четири илјади од дијаспората. Го правиме македонското литературно творештво достапно за сите и за оние кои што ретко доаѓаат во контакт со книгата, вели Владимир Ичокаев, претставник од фондација „Македоника“

Помеѓу присутните на вчерашната презентација немаше ниту еден автор, така што по кратката презентација на проектот претставниците ќе продолжат со презентации низ другите градови во Македонија.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)