Марш на солидарноста по повод 1-ви Мај

1-ви  Мај, Меѓународниот ден на трудот ќе биде одбележан со Марш на солидарност  организиран од Сојузот на синдикатите на Македонија.  Во петок, напладне на маршот можат да се приклучат и работниците од Куманово, членови на ССМ, информираат од Регионалната синдикална организација.  Годинава, мотото е поддршка на законските решенија.

-Сакаме да кажеме дека треба да се почитуваат колективните договори и колективните договори да бидат потпишани од сите фирми односно сите работодавачи да имаат потпишано колективни договори така што вработените би имале поголеми права при нивното работење, изјави  Миле Спасовски, секретар на Регионална синдикална организација во Куманово

Синдикатот истовремено се залага и за сигурни работни места, но и за потпишување договори за вработување на неопределено време, а не како што беше пракса досега на определено време.

– Разликата е голема затоа што при потпишување на договор за вработување на определено време работодавачот може по истекот на договорот за вработување на определено време на работникот да му каже дека му престанува работниот однос,  додека со потпишување на договор на неопределено време е сосема друга постапка и не може туку така работникот да биде отпуштен од работа, изјави Спасовски.

Регионалниот синдикат како задолжен за заштита на работничките права  ги повика работниците кои не се членови да се приклучат на организацијата, а воедно на сите граѓани им упати честитки по повод денот на трудот.

-Користам можност на сите работници да им го честитам Први мај- Денот на трудот и да им посакам многу здравје и среќа во животот, изјави Миле Спасовски, секретар на Регионална синдикална организација во Куманово

Паралелно со Маршот на солидарноста, во истиот термин и од истото место, членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудството и здруженија на граѓани ќе тргнат на Марш на протест против најновите закони за администрација и за јавен сектор кои ги оценуваат како антиработнички. Инаку, во изминатите неколку години ССМ немаше пракса да организира првомајски протести.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)