Масовна посетеност на отворениот базен

Отворениот градски базен денеска ги прими првите капачи во оваа сезона. Најмладите но и повозрасните се разладуваа во водата, и го искористија времето за дружба. Надлежните од јавното претпријатие Чистота и Зеленило, кое стопанисува со објектот, истакнаа дека се задоволни од посетеноста на првиот ден.

-Од денеска официјално стартува летната сезона на градскиот базен, ги поканувам сите граѓани добродојдени. Веќе има многу народ, висока заинтересираност, задоволни сме од посетата засега. Спасителите се тука, покриеноста е во текот на целиот ден, со два спасители, безбедноста е на високо ниво, нема да има никаков проблем се надевам и очекуваме гости, капацитетот е голем на базенот, преку 200 лежалки, времето денеска е добро, се надеваме на убава и бериќетна сезона-истакна Стефан Димитријевиќ, вработен на градскиот базен.

Во рамки на базенот функционира и мини угосителски објект, кој на граѓаните им нуди храна и освежителни пијалаци. Инаку отворениот базен ќе работи секој ден, од 10 до 18 часот. Цената на билетите останува иста од минатата сезона, односно бесплатен влез за децата до седумгодишна возраст во присуство на родителите, за децата од седум до 12 години билетот чини 75 денари, а повозрасните за влезницата на отворениот базен ќе плаќаат 150 денари. Затворениот базен исто така им е на располагање на кумановци.

Коментари

коментар(и)