Масовна посетеност на отворениот базен

Отворениот градски базен денеска ги прими првите капачи. Најмладите но и повозрасните се разладуваа во водата, и го искористија времето за дружба со најблиските. Надлежните од општина Куманово, која привремено стопанисува со објектот, истакнаа дека се задоволни од посетеноста на првиот ден.

-Моментално е 12 часот, два часа работи базенот, а веќе се продадени над 250 карти ова уште еднаш потврдува дека вакво нешто, ваков објект му беше потребен на градот, инвестицијата е доста значајна за Куманово. Цените се крајно популарни за децата до 7 години со присуство на родители е бесплатна од 7 до 14 картата е 75 денари, и за повозрасните картата е 150 денари-изјави Мартин Костовски, од општина Куманово.

Безбедноста на капачите е на високо ниво бидејќи нив ги надгледуваат двајца обучени спасители, но и тим од Црвениот крст. Нивната работа штотуку почна, но за среќа досега немале потреба да интервенираат.

-Препораките се нема скокање, децата непливачи да не пливаат и да не влегуваат во водените површини без присуство на повозрасни односно родители. Исто така може да кажеме дека лица алкохолизирани, подолго изложени на сонце, дехидрирани да не се пуштаат во убавините на водата која што ги нуди во овој летен период-нагласи Кирил Павловски, спасувач од Црвениот крст.

Посетителите истакнаа дека се среќни што градот доби ваков објект, во кој секојдневно можат да уживаат. Во рамки на базенот функционира и мини угосителски објект, кој на граѓаните им нуди храна и освежителни пијалаци. Со истиот стопанисува јавното претпријатие Чистота и Зеленило, кое најверојатно по законските измени целосно ќе го преземе функционирањето на двата базени. Инаку отворениот базен ќе работи секој ден, од 10 до 18 часот, а наскоро е планирано да се стави во функција и ноќното капање, но и други богати програми. Затворениот базен од 15-ти септември  ќе им биде на располагање на кумановци.

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)