Медиумска лабораторија во СОУ „Перо Наков“

Педесетина средношколци од економското училиште Перо Наков денеска учеа како се пишуваат вести, препознаат манипулации и што е улогата на новинарите во општеството. Александра Теменугова од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и новинарот Жарко Василевски од дневниот весник „Нова Македонија“ ги запознаа учениците со професионалните стандарди на оваа професија.

-Првата причина е да го претставиме средношколскиот весник Медиум со цел да регрутираме идни новинари кои би биле дел од овие содржини, да ги читаме на нашиот веб портал medium.edu.mk. Втората можеби и поважна причина е да се обидеме низ едно вакво интерактивно предавање да дознаеме повеќе, да работиме со младите за принципите врз кои работат новинарите-нагласи Теменугова.

На интерактивната работилница учениците вежбаа пишување вести, кои потоа ги презентираа пред присутните.

-Ова е 11-та медиумска лабораторија што ја правиме во различни средни училшта низ Македонија не ни е прв пат да дојдеме во кумановското средно училиште секогаш овде има една критична маса млади луѓе кои низ дискусиите гледаме дека умеат да препознаат манипулации во медиумите, но секогаш е добро низ практични примери, денешни насловни страници, вести што денеска ги прочитале да ги разобличиме вестите зад една медиумска содржина-додаде Теменугова.

Учениците истакнаа дека се задоволни од она што го научиле на ова предавање.

-Ваквите обуки кои ги држат професионалци во медиумската писменост се добредојдени за нас средношколците затоа што ние всушност имаме предавање на тема новинарство но практично тоа не го работиме и мислам дека токму овие обуки треба да бидат во поголем број со што нашите знаења ќе се зголемат-посочи средношколката Тина Илиевска.

-Вакви предавања се корисни за средношколците бидејќи тука можеме да научиме повеќе за новинарството, преку луѓето кои доаѓаат и ги држат овие предавања-додаде ученикот Бранислав Спасовски.

-Ги дознаваме и нашите права за медиумите, дознавме дека никој нема дозвола да не слика без да не праша и тоа да оди јавно-заклучи средношколецот Филип Тодоровски.

Медиумската лабораторија е во рамките на проектот „Коалиција за медиумска писменост“, при што Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и дневниот весник „Нова Македонија“ секој месец посетуваат училиштата низ државата, држејќи предавања за новинарство и за медиуми. Реализацијата е овозможена со поддршка на Европската Унија.

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)