Медиумска писменост: противотров за лаги и пропаганда

Дорентина Хиса

Dorentina Hisa 400x500

Постојано сме изложени на огромни количини на информации, што создава терен за лагите да се повторуваат доволно често додека не станат вистини. Мака мачиме да утврдиме што е вистина, а што не. Во океан од содржини, каде во суштина секој има можност да ги објавува, станува потешко да се плива без соодветна обука.

 

Кога последен пат сте стекнале нова вештина? Моментот кога сте ја стекнале може да биде исто толку важен како и причините што ве „натерале“ да ја развиете одредената вештина. Ние луѓето имаме тенденција да развиваме вештини и компетенции што ни се корисни на индивидуално и на општествено ниво. Накратко кажано, ги развиваме вештините што ни помагаат да се справиме со барањата и предизвиците на секојдневниот живот.

Листата на животни вештини се менува со текот на времето, следејќи ги најновите случувања околу нас. Во таа листа треба да ја вклучиме медиумската и информациската писменост (МИП) како клучна животна вештинa. Зошто е тоа така?

Досегот на масовните медиуми никогаш не бил толку широк како што е денес. Секојдневно среќаваме, даваме и примаме големи количества информации од различни извори. Истото важи и за децата, тинејџерите, студентите и другите возрасни. Постојано консумираме содржини преку нашите мобилни телефони, компјутери, телевизија, книги, социјални медиуми итн., било да е во пишана, аудио или визуелна форма. Опкружени сме со медиуми и информации во сите форми, пренесени на секакви начини.

Ризиците од медиумска и информациска неписменост

Изложеноста на толку разновидни информации кај нас создава извесна ранливост, имајќи предвид дека информациите се полни со пристрасност, манипулација, пропаганда, лажни вести, говор на омраза, секакви намери што авторот или авторите би можеле да ги имаат. Помислете на сите субјективни информации и техники на маркетинг кои на еден или друг начин влијаат на нашите навики за купување, несвесно. Или на информациските манипулации што се шират преку медиумите и ги попречуваат вистините и создаваат искривена реалност.

Информациските нарушувања (свесно и несвесно дезинформирање, злонамерно информирање) создаваат конфузија и недоразбирања за социјалните и политичките прашања. Лажни содржини што влијаат на физичкото и психичкото здравје на луѓето, само затоа што некој на интернет одлучил да објави содржина за да добие повеќе читатели, без да се грижи за последиците.

Постојано сме изложени на огромни количини на информации, што создава терен за лагите да се повторуваат доволно често додека не станат вистини. Мака мачиме да утврдиме што е вистина, а што не. Во океан од содржини, каде во суштина секој има можност да ги објавува, станува потешко да се плива без соодветна обука.

За да можеме да се спасиме од давење во ова море од медиуми и информации, треба да стекнеме основни вештини и компетенции. Треба самите да научиме, а потоа да ги поучиме и другите како функционираат медиумите и информациите. Кои техники се користат, од кого и со каква намера? Треба да развиеме вештини за критичко размислување, а медиумската и информациска писменост може да биде корисна во овој поглед.

Улогата на образованието

Надежен пристап за развој на медиумски и информациски писмени граѓани е преку образованието, што ги вклучува сите форми: формално, неформално и информално. Формалното образование се спроведува во образовните системи, како што се училиштата и универзитетите, додека неформалното образование се одвива надвор од овие формални средини за учење, обично во локалната заедница, но се спроведува со конкретна намера (и неформалните образовни активности имаат за цел стекнување одредени знаења).

Информалното учење, пак, е искуствено учење, и како такво е инцидентно. Во Албанија, информалното и неформалното образование за медиумска и информациска писменост се претежно покриени од граѓанските организации, но имајќи предвид дека тие работат со помош на проекти, нивниот придонес е краткорочен, ограничен во однос на дофатот и не е одржлив.

Од друга страна, формалното образование е ограничено претежно на употреба на ИКТ во училиштата и донекаде на општо медиумско образование, но тоа сепак не ги исполнува постојните потреби за едукација на генерациите кои се медиумски и информатички писмени.

Во прегледот на актуелната состојба во оваа област што го направи Албанскиот институт за медиуми во 2020 година, за стратегиите и политиките за МИП во Албанија, резултатите покажуваат недостаток на инклузивен пристап кон МИП во формалното, неформалното и информалното образование. Тук-таму, има елементи на медиумско образование или ИКТ, но не и МИП како таква. МИП е нов поим што во последно време привлекува повеќе внимание и тоа е добар почеток на едно патување што ќе биде долго и полно со предизвици.

Пилот-активности за МИП во предуниверзитетското образование во Албанија

Со поддршка од различни донатори, кои дадоа приоритет на медиумската и информациската писменост, вниманието и активностите за МИП во последните неколку години се зголемени. На пример, во рамките на Проектот „Градење доверба во медиумите во Југоисточна Европа и Турција, Фаза II“, УНЕСКО го поддржува вклучувањето на наставните програми за МИП во формалниот образовен систем во Албанија.

Ова е првпат да се користи МИП како композитен поим во предуниверзитетското образование во нашата земја. Во соработка со Министерството за образование и спорт и Агенцијата за обезбедување квалитет на предуниверзитетското образование на Албанија (ASCAP), 20 училишта се избрани да бидат дел од фазата на пилотирање. Во првата фаза од пилотирањето, во 10 средни училишта во текот на 2021 година, 120 наставници беа обучени за спроведување на наставните програми и околу 8546 ученици од 6-то до 9-то одделение имаа можност да се запознаат со МИП.

Mediumska pismenost: protivotrov za lagi i propaganda Извор: freepik.com

Процесот на пилотирање не беше лесен и наиде на неколку предизвици. Предизвиците беа поврзани со инфраструктурата на училиштето (на пр. интернет врски, библиотеки, компјутерски лаборатории, итн.); преоптовареноста на наставниците; паралелки со голем број ученици и пандемиските околности. Што се однесува до самите наставни програми на МИП, на почетокот се јави сомнеж и несигурност кај наставниците, но ситуацијата се подобри со обуката и менторството понудени за време на пилотирањето.

Десет ментори беа назначени да ги надгледуваат обучените наставници кои ја вградија МИП во своите предмети. Повратните информации од менторите покажуваат дека наставниците користат МИП во училницата на три нивоа: за наоѓање дополнителни информации, за поттикнување повисоки мисловни вештини и за креативно изразување/создавање содржини.

Наставниците изјавија дека обуката за МИП што ја добиле и процесот на пилотирање било корисно како на лично така и на професионално ниво. Учениците се здобиле со нова перспектива за медиумите и информациите што се одразило во сите предмети (на пр.: поставувале предизвикувачки прашања, користеле различни извори за споредување на информациите и не се задржувале на просто репродуцирање содржини, туку оделе чекор понатаму и правеле своја анализа).

Накратко, искуството ги поттикнало учениците да го подобрат својот процес на учење, часовите станале поинклузивни и ги подобрило вештините на учениците за критичко размислување. МИП во формалното образование има уште една додадена вредност, ги оспорува традиционалните начини на настава каде што учениците се сметаат за еден вид „празни садови“ кои доаѓаат на училиште за да се полнат со информации. Спротивно на тоа, МИП ги смета наставниците и учениците за активни придонесувачи во процесот на пренесување знаења и учење. МИП се труди да ги научи учениците „како“ да размислуваат, а не „што“ да мислат.

Шаблоните на размислување, расудување и однесување почнуваат да се развиваат многу рано во животот, со постепеното преминување од едноставни шаблони кон најсложените. Сепак, околината може да го поттикне или да го попречи нивниот развој. Истото важи и за медиумската и информациската писменост, доколку не се интервенира рано, резултатите можат да бидат катастрофални за целото општество.

Возраста на изложеност на медиуми и информации од година во година се намалува, а со нејзиното намалување треба да се зголеми и нашата загриженост. МИП е клучна животна вештина и како таква треба да се развива што е можно порано преку формално, неформално и информално образование.

Коментари

коментар(и)