Меморандум за соработка меѓу ДИК и Инклузива

Здружението за промоција и развој на инклузивно општество Инклузива и Државната изборна комисија вчера потпишаа Меморандум за соработка, во согласност со европското законодавство, Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, домашната регулатива и интерните акти.

Основен приоритет на двете страни, како што велат од ДИК, е преку реализација на целите од овој Меморандум да придонесат кон зголемување на поддршката на граѓаните со попреченост во сите сегменти и фази на изборниот процес, остварување на нивните гласачки права, унапредување на работата на изборната администрација во создавање на услови за унапредување на инклузивноста за гласачите со попреченост и успешно спроведување на инклузивни избори.

-Со денешното потпишување на овој Меморандум за соработка започнува период на плодна соработка помеѓу нашите две организации. Денеска заемно се согласивме координирано да работиме во насока на остварување на конкретни цели од меморандумот,како зголемување  на учеството на лицата со попреченост во изборниот процес, преку усогласување на подзаконските акти со одредбите од Конвенцијата на ОН за правото на учество на лицата со попреченост во изборниот процес, подобрување на ефикасноста и ефективноста на процесот на организирање и спроведување на избори и процесот на гласање во однос на лицата со попреченост,  зголемување на свесноста и знаењата за изборниот процес на граѓаните со попреченост, како и подготовка на изборната администрација за поддршка и комуникација со лица со попреченост, изјави Добре Јанчев, генерален секретар на ДИК

Претседателката на „Инклузива“, Благица Димитровска, појасни дека во 2016-та година со поддршка од повеќе донатори направиле сеопфатно истражување за учество на лицата со попреченост во политичкиот и изборниот процес, по што дале  препораки и конкретни предлози за подобрување на лошата состојба, како што вели Димитровска,  што ја виделе на терен. Истажувањето се правело директно со лицата со попреченост, а во фокус групите биле вклучени и нивните семејства .

-Во пресрет на локалните избори 2017, повторно направивме мало истражување, во соработка со ЦИВИЛ. Во рамки на нивните набљудувачи имавме свои набљудувачи на терен. Сите забелешки се однесуваа во однос на организирање и спроведување на изборите. Ќе се обидеме за следните избори сите препреки да бидат отстранети, изјави Благица Димитровска, претседател на здружение „Инклузива“

Вчера веднаш по потпишувањето на Меморандумот за соработка,  започнала тридневна работилница за вработените во седиштето на стручната служба на Државната изборна комисија која ќе трае до 15-ти март , а преку која учесниците ќе се стекнат со вештини за испорачување на обуки за лица со попреченост.

-По комплетирањето на оваа активност ќе следат регионални работилници за претставници од општинските изборни комисии кои ќе се реализираат во текот на месеците април и мај оваа година. со реализацијата на овие активности ДИК  ќе се здобие со тим на обучувачи со специфични вештини за комуникација и испорачување на обуки на лица со попреченост. Овој тим на обучувачи понатаму ќе работи на реализација на целите на овој Меморандум за соработка, изјави Љупка Гугучевска, портпарол на ДИК

Како што потенцираше претседателката на Инклузива, Димитровска, во североисточниот регион на Македонија има околу 1000 лица со попреченост, со кои здружението е во постојан контакт, но тоа не е реалната бројка, односно потребна е помош од институциите за да се добие јасна слика за колкава е бројката на овие граѓани. Оттука произлегува и потребата од регистар со број на лица со попреченост.

 

Коментари

коментар(и)