Мерки за намалување на загаденоста на воздухот

Со аеросолна метода и со контрола на тешките товарни моторни возила Општина Куманово се обидува да ја намали загаденоста на воздухот во градот. Освен ова, надлежните сметаат дека загаденоста на воздухот би можела да се намали и со мерки за стимулација на јавниот градски превоз , но и со почесто користење на велосипедски сообраќај.

-Во координација со Секторот за инспекциски надзор и Секторот за безбедност во патниот сообраќај при СВР Куманово веќе правиме контроли на тешки товарни моторни возила кои што го загадуваат воздухот, а по Закон за градба од 15.11. градежната сезона веќе е финиширана и се надеваме дека на краткорочен рок ќе успееме некој резултат да оствариме со таа акција. Секако дека има уште многу мерки кои што можат да се имплементираат за да се дојде до резултат за намалување на загадувањето. Стимулација на јавниот градски превоз кој што секако би требало да оди со соодветен акт од локалната самоуправа и советот на општината, забрана за движење на возила во централното градско подрачје како би можело да се стимулира исто така користењето на јавниот градски превоз и тежнеењето кон овозможување на што повеќе велосипедски патеки како би успеале повеќе луѓе да користат велосипедски сообраќај и да немаат потреба од користење на моторни возила, изјави Бојан Петковски од Општина Куманово

Овие мерки беа посочени од надлежните на неодамнешната трибина за заштита на амбиеталниот воздух во Општина Куманово.

Инаку, експертите тогаш заклучија дека Општина Куманово треба да формира стручно тело кое ќе се грижи за животната средина,  изработувајќи и имплементирајќи  краткорочни и долгорочни програми за надминување на проблемите.

Коментари

коментар(и)