Мештани го блокираа приодот кон Романовце

Жителите на Романовце утринава повторно го блокираа селскиот пат на надвозникот на автопатот Куманово-Скопје, барајќи фирмите кои се сопственици на сепарацијата и асфалтната база во Романовце и каменоломите во Краста да им го асфалтираат патот.  Претседателот на месната заедница, Орхан Ахмети вели дека најголем проблем им претставува прашината која што се крева од товарните возила, а завршува на производите во нивните ниви.

-Веќе една недела има блокада овде под мостот за влез и излез од Скопје, поради товарни возила кои поминуваат со асфалт. Дојдоа од фирмата Бетон од Скопје и моментално сме во преговори, до понеделник треба да се реши ова-изјави Ахмети.

Жителите раскажуваат дека лете се душат во прашина, а зиме газат кал до колена по непроодниот пат. Иако одговорните многупати им ветувале, до сега никој не го асфалтирал патот, кој што е во должина од четири километри.

Инаку на мештаните на Романовце, на денешниот протест им се приклучија и жителите од село Пчиња, кои велат дека е време да се реши овој децениски проблем.

-Ние сакаме да им дадеме поддршка затоа што и ние имаме штета од овој пат. Штетите се на земјоделски култури, кои се загадуваат од прашина, тука има грозје, сончоглед, пиперки и сакаме патот да се асфалтира, да се заштити- наведе Дејан Трендевски, претседател на месна заедница Пчиња.

Жителите на Романовце и Пчиња денеска ги посетија претставници од неколкуте фирми, чии што товарни возила го користат патот низ полето. Од фирмата Бетон Скопје велат дека тие ќе се заложат што поскоро да се реши овој проблем и да се отстрани блокадата.

-Овој пат не го користи само Бетон, туку повеќе фирми, за таа цел ние ќе се обидеме да стапиме во контакт со сите други фирми, бидејќи денеска имавме контакт со локалното население. Волја за решавање на проблемот постои, така што мислам дека во скоро време ќе се направи некаков договор, за сите да имаме добро-изјави претставникот од Бетон Скопје, Коста Глигориевски.

Мештаните се надеваат дека ќе најдат заедничко решение со фирмите, но нагласуваат дека нема да отстапат од блокадата, се додека не постигнат договор.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)