Меѓународен ден за борба против насилството врз жените

Секоја трета жена во светот претрпела некаква форма на насилство, а според податоците на Обединетите Нации, семејното насилство е убиец број еден на жените. 

Во нашата земја, само во првите 9 месеци годинава, пријавени се 709 кривични дела од областа на семејното насилство, од кои, 610 биле жени жртви. Семејното насилство и насилството врз жени несразмерно повеќе ги погодува жените, токму поради тоа што се жени, информираат од Хелсиншкиот комитет на Република Македонија.

Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените годинава се одбележува под мотото „Обојте го светот портокалово: Генерацијата еднаквост против силувањето“. Како и претходно и годинава Меѓународмиот ден ќе го означи отпочнувањето на 16 дена активизам што ќе заврши на 10 декември, кога се одбележува Меѓународниот ден на човековите права.

Во Куманово, деновиве Националниот ромски центар презентираше извештај од реализираниот проект за поддршка на жени кои што преживеале насилство. Според извештајот „Достапност и пристап до услуги за поддршка на жени и девојки Ромки кои што преживеале насилство во Куманово, Кичево, Велес, Прилеп, Кочани и Штип “ мал е бројот на жени кои што пријавуваат насилство, а само 15 жени побарале и добиле правни советувања во НРЦ.

-Најчесто овие жени се соочени со јазична бариера, кога сакаат да пополнат и документација, но и кога примаат и бараат информации. Комуникацијата е малку повеќе отежната и не е ефективна, поради неразбирање на јазикот во некои средини, од друга страна, економската зависност ги спречува и да побараат заштита, но и да се одлучат ефективно да преземат некои мерки за да се заштитат, затоа што најчесто станува збор за жени кои што не се вклучени на пазарот на труд и се економски зависни, тешко се одлучуваат да ја направат таа средина затоа што поврзаноста кон децата, семејството што го имаат создадено пак ги враќа назад, изјави Катерина Шојиќ, координатор на проектот.

Во соопштението по повод Меѓународниот ден на елиминирање на насилството врз жените, од Хелсиншкиот комитет потенцираат дека истражување на ОБСЕ покажува дека  „само два отсто од жените кои доживеале насилство од сегашен партнер, го пријавиле во полиција, како и дека тоа зборува дека бројката на жени кои трпат насилство е многу повисока од официјалните статистики.

– Исто така, загрижувачки е трендот на прифаќање на насилството во земјата. Истражувањето на ОБСЕ открива дека  „три од пет или 60 отсто жени сметаат дека насилството врз жените е вообичаено, а речиси три од десет сметаат дека тоа е многу честа појава.“ За да се победат овие поразителни бројки, мора да работат заеднички сите актери во општеството: институциите, граѓанските организации, медиумите како и секој граѓанин, се вели во соопштението од Хелсиншки комитет.

Оттаму ја поздравуваат иницијативата за подготовка на нов Закон против насилство врз жени и семејно насилство кој ги следи одредбите на Истанбулската конвенција, а бил изготвен во процес на консултација со граѓанскиот сектор.

Насилството врз жените и семејното насилство, потенцираат,  ја ограничува жената да учествува во економскиот и општествениот живот, предизвикува депресија, чуство на немоќ и безизлезност, а и е грубо кршење на нејзините основни човекови права.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)