Мигрантите добиваат здравствена помош во болницата

Околу 30 мигранти, од кои две деца побарале лекарска помош во кумановската Општа болница, последниве десетина дена. Во најголем број случаи тие имале поплаки за болни стопала како последица на долгиот пат кој го поминале од своите родни земји  до нашиот град.

– Измачени од долготрајно одење најчесто имаат пликови, крвни подливи, рани, нашата помош се состои во тоа што хируршки ќе ги обработиме, стопалата ќе ги преврземе и потоа има некоја хуманитарна група која се грижи за нив и ги водат оттука, во овој период неколку пати се случи да повредениот и преспие кај нас без да му оформиме никаква документација бидејќи најчесто тие луѓе немаат никакви документи со себе, изјави Методија Димковски, хирург во Општа болница Куманово

Само еден мигрант е примен на Одделот за хирургија со повреда од нож која ја добил во тепачка со свој сонародник. За овој случај е известена и полицијата, велат надлежните.

И на детското одделение деновиве биле примени две деца од земјите на Блискиот Исток. Во првиот случај стануваше збор за опструкција, односно за бронхијален наод. Веднаш му е пружена потребната медицински третман и инхалација, а потоа е препишана и терапија која треба да ја прима во домашни услови. Второто дете е примено со висока телесна температура и по укажување на медицинска помош и тоа е пуштено на домашно лекување. Во принцип децата се задржувани по два до три часа во болницата додека трае терапијата, информирапе  педијатарот Снежана Станковиќ.

Првите денови кога мигрантите почнале да бараат здравствена помош , во болницата немало насоки од министерството како да постапуваат со нив, вели началникот на Ургентен центар доктор Исмаил Бајрами. Тој вели дека не можеле сите да ги заведат во дневник на прегледани пациенти бидејќи голем број од мигрантите немале документи за лична идентификација. Во меѓувреме ги добиле потребните насоки од надлежното министерство и лекарите зазеле став дека ќе им помогнат на сите кои ќе побараат помош, а сето тоа ќе го евидентираат во посебен дневник  кој ќе го достават до министерството за здравство. Сепак, Бајрами нагласува дека првата медицинска помош ја пружа Здравствениот дом, а доколку има потреба се вклучува и секундарното здравство.

Инаку, освен прегледи во болницата,  мигрантите секојдневно добиваат медицинска помош и на терен од лекари кои ги ангажирани хуманитарните организации.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)