Министерството не одобри пари за „Денови на комедија“

Министерството за култура годинава нема пари за меѓународниот фестивал „Денови на комедија“. Овој театарски фестивал прв пат после 21 година не се најде во програмата со проекти поддржани од Министерството за култура за 2019-та  година. Информацијата предизвика бурни реакции кај граѓаните на Куманово.

За ваквата одлука на министерството за култура, директорот на НУ Центар за култура, Сашо Тодоровски вели дека е неочекувана и веројатно е направен случаен превид. Се надева дека надлежните ќе ја преиспитаат одлуката, а во секој случај меѓународниот фестивал ќе се одржи и годинава, како и претходните две децении.

-Ние вчера го видовме тоа и навистина останавме малку зачудени бидејќи уредно аплициравме со целокупната документација и програма на два ипол милиони денари. Очекувавме финансиска поддршка , меѓутоа вчера видовме дека за кумановскиот фестивал „Денови на комедија“ нема издвоено средства. Се надеваме и очекуваме дека таа одлука наскоро ќе се промени и кумановскиот фестивал ќе остане да функционира како и изминативе 21 година.  Оваа година во октомври сигурно ќе има меѓународен фестивал „Денови на комедија “ и сигурен сум дека министерството за култура ќе ја промени својата одлука и ќе види дека овој фестивал навистина е значаен за Куманово и така и ќе остане. Ќе најдеме начин и ќе најдеме средства и фестивалот сигурно ќе се одржи во октомври оваа година, а можеби ќе биде и поуспешен од претходните, изјави Сашо Тодоровски, директор на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“

Но, не само кај кумановци, вчерашната одлука  предизвика бура реакции и незадоволство и на ниво на државата, по што премиерот Зоран Заев најави дека ќе се поништи делот од Конкурсот на Министерството за култура  и дека постапките повторно ќе се отворат:

„Одлуката ќе се поништи и таа ќе биде објавена, освен за Националните институции каде што нема реакции, тоа се домовите на културата, каде се направени фер распределби. Но, за сите други апликанти, одлуката ќе биде поништена и ќе биде повторно донесена. Граѓаните денеска реагираа, имаат аргументи и од Министерството за култура, Комисијата за култура, но имаат и граѓаните. Затоа, уште потранспарентно ќе ги донесат одлуките, самата Комисија за култура при Министерството за култура која е надлежна за нејзиното одлучување и нема кај да брзаме, изјавил Заев.

Фестивалот „Денови на комедија“  е еден од најзначајните културни настани во градот. Традиционално од 1 –ви до 15 –ти октомври во Центарот за култура „Трајко Прокпиев“ се играат помеѓу 10 и 14 претстави од земјава и регионот.

Инаку , за последното издание на фестивалот „Денови на комедија“, Министерството за култура учествуваше со 800.000 денари финансиска помош.

Освен фестивалот „Денови на комедија“  , финансиска поддршка не доби ниту „Тамбурашки фестивал “.

Коментари

коментар(и)