Мирен марш на лицата со попреченост во градот

Со  „Мирен марш за правата на лицата со попреченост” корисниците на дневниот центар „ Порака наша“ денеска го одбележаа 3-ти декември, Меѓународен ден на лицата со попреченост. Маршот започна точно напладне од пред зградата на Црвениот крст во Куманово, а на лицата со попреченост им се придружија и нивните родители, едукатори, ученици од основните и средните училишта во градот, донатори, активисти, волонтери од Црвен Крст на Куманово. Тие преку мирниот марш, побараа дополнителна поддршка, формирање на мали групни домови во Куманово и покажаа дека не се категорија, туку дека имаат име и презиме, потреби и желби, препреки и соништа, услови и права.


-„Порака наша“ има дневен центар како социјална сервисна служба која што опстојува 13 години со делумна финансиска поддршка од Општина Куманово, од бизис секторот и од граѓани кои нас неуморно не помагаат, но меѓутоа тоа не е решение. На „ Порака наша“ и е потребно системско решение, потребна е поддршка од министерството за труд и социјална политика, потребни се мали групни домови затоа што ние работиме со возрасни корисници кои што нивните родители се веќе постари и размислуваат што ќе се случи откако нив ќе ги нема, изјави Фросина Симоновска, дефектолог, едукатор во „Порака наша“

 Во  дневниот центар „Порака Наша“ услугите ги користат 21 лице со умерена и тешка интелектуална попреченост, петмина веќе немаат ниту еден родител или имаат само еден родител.

-Во наредните десет години Куманово ќе има предизвик, а со тоа и државата ќе биде ставена на тест на кој начин ќе излеземе во пресрет и ќе дадеме поддршка на нашите сограѓани, бидејќи сите сме дел од ова општество и да се обезбеди инклузијата за која сите зборуваме ќе мора да се се соочиме со предизивиците кои веќе  ни престојат-изјави Симоновска.

Оваа година првпат се организира ваков мирен марш на кој лицата со попреченост ги побараа своите права.

По повод одбележувањето на овој ден, во дневниот центар утрово се одржала и работилница на која се зборувало за човековите права кои што корисниците сметаат дека треба да им се загарантирани.

Инаку, меѓународниот  ден на лицата со посебни потреби е прогласен од страна на Обединетите нации во 1992 година.
Целта на овој ден е да се поттикне подобро разбирање од страна на целокупното општество да се поттикнат луѓето, но и институциите, да станат посвесни за правата и достоинството на овие лица.

Нашата држава ја има потпишано Конвенцијата за правата на лицата со посебни потреби во 2011-та година, која што е напишана во 2006- та година и усвоена од Обединетите Нации.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0 0

Коментари

коментар(и)