Мирен протест за претепаниот ученик

Родители, наставници и претставници на општината, денеска одржаа мирен протест во дворот на основното училиште „Толи Зордумис“, откако во петок минатата недела, осмооделенец беше претепан од средношколци Албанци. Тие упатија апел дека ваквите инциденти треба да запрат, и дека заедно треба да работат на зближување на учениците. Мајката на претепаниот ученик, Александра Петковиќ раскажа дека немилион настан се случил после часовите во близина на автобуската постројка до училиштето. Додаде дека нејзиниот син неколку пати веќе бил провоциран од еден ученик од групата, по што одлучиле и физички да го нападнат.

-Почнале со тупаници, клоци, сите други се нафрлиле на него, додека неговите соученици гледале и не можеле да реагираат, колку можеле се обиделе да го одбранат но за жал не успеале. Во еден момент мојот син се онесвестил, бидејќи го удирале со боксач во градниот кош, по слабините, паднал, тие и понатаму продлжиле да го клоцаат, детето ми беше катастрофа, во тој момент шоферот на автобусот видел што се случува  и почнал да вика. Тогаш излегол заменик директорот за среќа и тој реагирал и тие почнале да бегаат,  исчезнале-нагласи таа.

Таа додаде дека директорот случајот веднаш го пријавил во полиција, а детето го пренеле на хируршкото одделение, каде што му била дадена терапија. Нагласи дека ангажирале и психијатар и психолог, бидејќи момчето е трауматизирано и одбива да излезе надвор. Потенцираше дека ќе поднесе приватна тужба. Директорот на училиштето, Бобан Ѓорѓиевски истакна дека нивото на безбедност по овој инцидент ќе биде зголемено, па  агенцијата за обезбедување ќе работи 12 часа.

-Ние секако и до сега сме преземале низа активности да ги зближиме учениците, да имаат заеднички активности, учествуваме во различни проекти од меѓуетничка интеграција на учениците и ќе продолжиме и понатаму учениците да ги зближуваме.  Овој немил настан што ни се случи на нас во училиштето, не е внатрешен туку ни се случи напад на наш ученик од страна на ученици од друго училиште-изјави тој.

Раководителот на Секторот за образование при општина Куманово, Жика Крстевски, кој даде поддршка на протестот, истакна дека е неопходно да се безбедат училиштата.  Нагласи дека е потребно институционално да се реши овој проблем, особено во средините кадешто учат повеќе етнички заедници.

-Можам да ветам дека општината во овие услови кога безбедноста не е решена како што треба, ќе направи напори до крај на оваа учебна година со вонредни мерки да ја завршиме и да им обезбедиме на сите училишта во вакви средини за да учебната година ја завршат онака како што треба, меѓутоа ќе се заложиме пред надлежните државни  субјекти и она што е надлежност на локалната самоуправа од идната година да имаме навистина соодветно обезбедени училишта за да може пред се преку едукација на родителите на децата на наставниот кадар да ги научиме сите дека треба да живееме сите заедно-изјави тој.

Од СВР Куманово потврдија дека е регистриран случајот и тие работат на целосно расчистување на сите инволвирани лица. Потоа ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка за физички напад и истото ќе биде доставено до Основниот суд кај судија за малолетници.

 

 

 

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)