„Младинска медиумска писменост“ проект на ДРОМ и ТВ Плус

Учениците од средното техничко училиште Наце Буѓони денеска имаа можност да присуствуваат на работилница на тема „Младинска медиумска писменост“ која е во рамки на истоимениот проект кој го спроведува Центарот за ромска заедница Дром, во соработка со телевизија Плус. Проектот има за цел да го зголеми нивото на медиумска писменост кај средношколците во Куманово и да поттикне критичко размислување кај младите со цел самите да станат независни креатори на информации.

-Предвидени се работилници во сите четири средни училишта во Куманово, каде пред учениците ќе се презентира медиумската писменост. Се надеваме дека ќе заинтересираме еден дел од учениците да посетат обука за младинска медиумска писменост, која ќе се одржи во декември. Сите оние кои ќе ја посетат обуката ќе имаат задолженија да присуствуваат на работилници каде заедно со луѓе од телевизијата ќе се снимаат едукативни видео клипови на тема медиумска писменост со цел да го поттикнеме критичкото размислување кај најмладите во општината-нагласи координаторот на проектот Денис Илијевски.

Главниот уредник на телевизија Плус, Драган Ивановски пред средношколците зборуваше за улогата на новинарите во процесот на информирање. Тој се осврна на пристрасните прилози и информации, лажните вести но и на нивното препознавање.

-Во овој случај, со целна група со младите се обидуваме на некој поедноставен начин да им укажеме на тоа да умеат да ги препознаат лажните вести и информации од оние вистинските, односно да си направат селекција на медиуми на кои ќе им веруваат и на оние на кои можеби во континуитет пренесуваат информации кои не соодејствуваат со реалноста. Еден пример преку кој тие ќе можат да се вклучат во тој процес, не медиумски писмени но малку поумешни во распознавањето на тие информации кои всушност нудат дезинформации-истакна тој.

Проектот  „Младинска медиумска писменост “е во рамки на поголем проект насловен „Критичко размислување“, кој го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и Центарот за европски стратегии. Истиот ќе се реализира до март наредната година.

Коментари

коментар(и)