Младите го напуштаат село Лопате

Се поголем број на млади го напуштаат село Лопате во потрага по подобар живот. Како доказ за тоа, жителите го наведуваат намалениот број на ученици во основното училиште „Битолски Конгрес“ кој од 700, годинава се спуиштил на 330 ученици на Албански и  Македонски јазик од прво до девето одделение. Азир Азири, еден од наставниците во училиштето, како главна причина за напуштање го наведува недостатокот на услови за прогрес на младите генерации. Тој вели дека на младите во селото можностите им се минимални, доколку таму продолжат да живеат.

– Се додека ги немаме основните услови, доаѓа она најлошото, бегањето. Одат на некој непознат пат што е најлошо и најтрагично за мене како наставник кога ќе слушнам дека некој студент што постигнал во животот отишол во странство. Тој кадар на нас ни е потребен, а не во странство, изјави Азир Азири, наставник во „Битолски Конгрес“.

Азири смета дека државните институции, посветуваат многу малку внимание на образованието и потребните услови за професионално усовршување на идните генерации. Според него, државата најмногу треба да инвестира во училиштата, бидејќи доколку младите генерации ја напуштат земјава, за постарите не претстои светла иднина.

– Целокупната наша работа и живеење е трауматизиарана. Знаеме и вработувањето како иде, преку партии, преку познанства, што не е фер и правен пат за постигнување на цел кај младите, додава Азири.

Од друга страна, жителите на селото, како главна причина за заминување на голем број на семејства го набројуваат недостатокот на основните услови за живеење и сиромаштијата. Тие велат дека во селото нема улично осветлување, а со вода се снабдуваат единствено од селските бунари, па тоа додатно им го отежнува животот и работата, бидејќи жителите на селото во најголем дел се занимаваат со земјоделие. Во зимските периоди, најголем проблем претставува недостатокот на асфалтирани улици.

– Сиромаштија на сите страни. Пат немаме, асфалт немаме, вода немаме. Невработеност, млади нема кај да идат. Моите деца избегаа, фала му на бога што не се тука, тие се во Швајцарија и никогаш повеќе нема да дојдат, тврди еден жител на село Лопате.

– Ние сме веќе постари и не би го напуштиле селото, но децата наши го напуштаат, ние нема кај да идеме, тука сме останале, додава друг жител.

Според жителите, во селото не постојат меѓуетнички конфликти. Тие сметаат дека постои соживот меѓу двете етнички заедници и велат дека тоа е единствената позитивна страна на животот во Лопате.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)