Младите од Куманово и Старо Нагоричане недоволно вклучени во креирање на локални младински политики

Младите од општините Куманово и Старо Нагоричане делумно или скоро воопшто не ги препознаваат мерките за креирање на локални младински политики,  покажа истражувањето кое што денеска го презентираше Рурална Коалиција. Младите не членуваат во организации, ниту пак имаат пристап до медиумите, во руралните средини имаат многу повеќе проблеми во однос на младите од урбаната заедница. Во Куманово до неодмана функционираше младинска стратегија што важеше до 2019 година, а во општина Старо Нагоричане и воопшто нема.

-Она што е заедничко за сите млади е дека многу ретко се јавуваат како носители на иницијативи или акции и многу ретко соработуваат со локалните медиуми и новинари од најразлични причини, а најчестата причина во руралните општини е дека истите таму и ги нема. Ваквите показатели само го надополнуваат фактот дека сме се уште далеку од препознатлив младински активизам особено во руралните средини каде што младите ги има се помалку и помалку- вели претседателката на Рурална Коалиција, Лилјана Jоноски.

Резултатите од спроведеното истражување во општина Куманово и општина Старо Нагоричане,  покажува дека од над 100 испитаници млади само 12 проценти учествувале на седница на Совет на општината, немаат функционални Младински Совети, а 39 отсто од нив учествувале барем еднаш во некаков вид на граѓанска акција, но многу ретко во акција која што се однесува на нив самите и унапредување на положбата во процесот на одлучување која што ја имаат во локалната заедница. Младите кажале дека не е добра ниту соработката со локални медиуми и новинари.

Истражувањето покажало дека соработката на младите со локалните медиуми и новинари е на ниско ниво.

Стратегии за млади, додава Jоноски  и понатаму остануваат само на хартија, а нивна имплементација или пак мониторинг  речиси и да нема, па така општина Старо Нагоричане нема стратегија за млади додека пак во општина Куманово само 22% од испитаниците кажале дека се запознаени со содржината на стратегијата која што треба да ја унапреди токму положбата на младите во локалната самоуправа.

Младите бараат функционални локални младински совети, соработка помеѓу сите институции на локално ниво, воспоставување на практика за соработка и превземање на заеднички иницијативи со локалните медиуми и новинари, но и поголема едукација и зголемување на медумската писменост кај младите.

Истражувањето е реализирано во рамките на проектот “Со медиумска писменост до подобрени локални младински политики” финансиран како под-грант во рамките на Проектот за младинско изразување, поддржан од ЕУ, а се проведува од Младински образовен форум – МОФ во соработка со Младински сојуз Крушево и Центарот за балканска соработка – ЉОЈА.

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)