Мобилни штандови за новогодишни подароци

Дваесет мобилни штандови на кои се продаваат разни новогодишни подароци, се поставени во централното градско подрачје, на плоштадот кај Центарот за култура. Годинава со одлука на Советот на Општина Куманово, новогодишните тезги се доделени на трајно користење на јавното претпријатие „Пазаришта“. Според надлежните, мобилните штандови се во доста добра состојба, направени се од квалитетно дрво, со врата и излог , со што од јавното претпријатие „Пазаришта“ сметаат дека ќе се придонесе , пред се, за разубавување на градот, но и за поубава атмосфера на плоштадот во Куманово.

Штандовите дневно се издаваат по цена од 150 денари, а годинава новогодишниот пазар ќе трае подолго од вобичаеното, односно започна на први, а ќе трае до 31 декември.

„ Заинтересираните закупци кои што ја вршат дејноста – продажба на новогодишни подароци, се пријавија навремено, се направи ждрепка на влечење за закупците за распоредот и местото на кое што ќе бидат лоцирани, а штандовите се поставени на градскиот плоштад врз основа на претходно изготвена шема и елаборат и добиена согласност од Општина Куманово“, посочуваат од „Пазаришта“.

Новогодишни честитки, балони во разни форми и бои, музички Дедо Мразовци, капи, шалови, играчки, гердани, кумановските тезгаџии на малиот градски плоштад секојдневно од утро до вечер им ги нудат на минувачите.

Меѓу трговците ретко кој е задоволен. Повеќето се жалат дека годинава иако веќе десетина денови се на плоштадот , продажбата на новогодишните производи оди слабо.

Инаку, новогодишното украсување на Куманово се уште не е отпочнато. Годинава за таа намена јавното претпријатие „ Куманово –паркинг“ има предвидени  1,5 милиони денари.

Вообичаено со украсување ќе биде опфатено централното градско подрачје и главните сообраќајници, булеварите „Трета МУБ“ и „Октомвриска револуција“, улиците „Доне Божинов“, „Народна револуција“ и „11 Октовмри“, како и централниот и малиот плоштад пред Центарот за култура.

Во Куманово предновогодишно ќе се организира Новогодишен  хепенинг со Дедо Мраз за најмалите, а ни годинава, како и претходните четири години,  нема да се организира пречек на Нова година на градскиот плоштад.

Коментари

коментар(и)