Мобилност Куманово со работилница „Пристапна Македонија“

„Да ги премостиме архитектонските бариери. Пристапна Македонија “ е насловена националната тематска работилница што се одржа денеска во организација на Меѓуопштинското здружение на лица со телесен инвалидитет на Куманово, Кратово и Крива Паланка – Мобилност Куманово. Преку видео презентација на присутните им беше посочено како треба да изгледа опкружувањето за слободно движење на лицата кои што користат ортопедски помагала, пред се лицата кои што се движат со помош на инвалидска количка и кои што се потполно слепи. Претседателот на Мобилнот Македонија, Бранимир Јовановски очекува денешната презентација да го поттикне чувството на одговорност кај локалната самоуправа целосно да ги спроведува законите кои што се на сила во РМ, Законот за градба, Правилникот за непречен пристап, Законот за заштита од дискриминација како и Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност. Организаторот на работилницата очекува во иднина секој новоизграден објект и секоја нова улица во градот да ги содржи елементите на пристапност.

– Лицата со инвалидност не можат да излезат буквално од своите домови заради високи рабници, заради не пристапни пешачки премини, заради недостаток на паркинг места, заради немање на рампи на скалила  итн. Најмногу боли кога тоа се случува во објектите каде што се извршува настава од основно, средно и високо образование бидејќи тоа е стартот. Оттука тие треба да се стекнат со вештини и знаења да бидат конкурентни за пазарот на трудот и секако утре да најдат полесно вработување. Доколку не најдат вработување, а не се конкурентни на пазарот на трудот токму  поради архитектонските бариери најмногу во тој случај не можат да се вработат, не можат да обезбедат егзистенција за себе и за своето семејство и не може да носат важни одлуки во животот, како што е купување на стан, брак, кола итн. Не можат да се реализираат целосно и едноставно немаат потполна и целосна социјална инклузија. Значи лицата кои што не се соочуваат со инвалидност  не можат да замислат дека едно скала може комплетно да му го промени животот на лицето со инвалидност, изјави Бранимир Јовановски, претседател на Мобилност Македонија.

Доколку лицата со инвалидитет добијат помош  и поддршка од општеството и доколку се премостат архитектонските бариери тогаш тие сигурно можат да се реализираат, потенцира Јовановски.

Градоначалникот во своето обраќање рече дека општините не ги поседуваат потребните буџети да ја променат комплетната инфраструктура во најкус можен временски период, потенцирајќи дека во наредниот период локалните самоуправи и организациите што ги претставуваат лицата со телесен инвалидитет треба заедно да делуваат односно да ги зајакнат сопствените капацитети и да сработат издржани проекти со кои што ќе аплицираат  во одредени институции за нивна реализација.

-Не можам да кажам дека не е реализирано ништо бидејќи имаме училишта каде што има поставени рампи, имаме одредени проекти кои што се финансирани од Општина Куманово каде што се опфатени лица со одредена попреченост пр. Порака наша, но пак сакам да апострофирам, дека генерално финансискиот инпут кој што ние како општина го очекуваме за реализација на  ваквите проекти треба да дојде од самата држава и од ресорното министерство за труд и социјална политика, рече Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

Свои предлози во врска со пристапноста на лицата со инвалидитет можеа да дадат и претставниците на 16-те здруженија,  членки на Мобилност Македонија, како и претставниците од секторите за урбанизам и за комунални работи при локалните самоуправи од североисточниот регион.

Тематската работилница се организираше по повод Ден на лицата со телесен инвалидитет на Македонија што се одбележува на 04 декември.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)