Молерите го празнуваат „Свети Лука “

Православните христијани денеска го празнуваат Свети Лука. Освен што е еден од најпочитуваните заштитници на медицината и фармацијата, Свети Лука за свој заштитник го сметаат и молерите од Куманово кои што секоја година на денешен ден сечат колач во црквата „Свети Никола“ и избираат кум за наредната година.

Утрово Добре Костадиновски го предаде кумството на својот колега Неџат Демировски. Молерите потенцираат дека во времето кога биле чираци и се образувале за занаетот се работело поквалитетно и со природни материјали.

-Овде се собираме за дружба, има многу молери, но овие се професионалци. Занаетот за жал изумира, ние што работемве порано беше многу подобро споредбено со чирак од 1967 до 1972 година беше друго време, а сега секој може да биде молер. Порано материјалите беа на природна база, а сега е чиста хемија, изјави Добре Костадиновски, молер  

-Од 1984-та се до ден денеска го работам овој занает со мерак. Главен мајстор ми беше Славе Петковски. Уште работам, имам сопствена фирма, нема работна сила, порано се работеше со многу полош материјал, а квалитетно работеа молерите, сега младите си одат, од 17 работници во мојата фирма остана само еден работник  , кој што работи заедно со мене, изјави Неџат Демировски,молер

Пензионираниот кумановец Слободан Трајковски е еден од последните чираци на молерот Доско Величковски.

-Јас сум еден од последните чираци на Доско молер, но и еден од последните школувани молери во Скопје, одев по четири ипол месеци периодично на училиште. Работев извесно време една третина во трговија, една третина технолошки вишок, сега сум пензионер, изјави Слободан Трајковски

-Со овој занает се занимавам од 1961 –та година, работев малку во Куманово, а потоа со еден колега заминавме на работа во Германија , како молери, изјави Димитар Стојковски, молер

Со молерско – фарбарски услуги тие се занимаваат повеќе од педесет години. Велат од овој занает, кој постепено изумира, може пристојно да се живее.

Инаку, празникот Свети апостол Лука го слават и оние кои што го носат неговото име, а некои граѓани го празнуваат како домашна слава.

Коментари

коментар(и)