Мотиви од Куманово низ детски цртежи

Статуата на шегобиецот Батко Ѓорѓија, градскиот затворен базен, плоштадите во Куманово се само дел од идеите кои што децата ги пренесоа на цртежите на денешната едукативна ликовна работилница организирана од центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Околу седумдесет ученици од основните  училишта  во фоајето на центарот на култура цртаа на темата  „ Насликај го својот град“ . Ликовната работилница се одржува првпат на иницијатива на националната установа по повод денот на ослободувањето на Куманово – 11-ти Ноември.

– Како центар за култура  на учесниците им ги обезбедивме средствата за цртање и боење со цел да нацртаат некој мотив од градот. Ги поканивме сите основни училишта, а има и  деца кои што учествуваат по слободен избор , изјави директорот Сашо Тодоровски.

Учениците цртаа под менторство на своите наставници, а им помагаа и стручните соработници од центарот за култура.

-Учествуваме  со пет ученици од нашето училиште, двајца од деветто одделение и три ученика од прво до петто одделение. Децата работат со големо задоволство, атмосферата е многу пријатна. Ние сме многу скромни, на нас ни е битно да учествуваме, децата да се запознаваат и да се дружат меѓусебе, а наградите не се битни, нека победат најдобрите, изјави Александра Грубор, ментор

Учесниците имаа можност да нацртаат по неколку цртежи со мотиви од нашиот град.

Цртежите од денешната работилница ќе бидат изложени во фоајето на центарот за култура. Најдобрите три цртежа ќе бидат соодветно наградени,  а сите учесници,  учениците со своите  ментори ќе добијат пофалници од организаторот „Трајко Прокопиев“ .

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)