Музичко-поетска вечер по повод „8-ми Март“

Здружението на пензионери од Куманово традиционално по 11 пат организира музичко-поетска вечер во пресрет на празникот на жената, 8ми март кој ќе се одржи во новата свечена сала во Занатскиот дом.

Манифестацијата е во организација на Комисијата за културно-уметнички самодејностви која дејствува во рамките на здружението, а од оваа година настапува со богата програма. Првиот настан кој го организираат е токму во чест на жената.

Поетско што значи дека на нашите писатели и писателки, љубители на убаво пишаниот збор им даваме можност на одредена тема да пишуваат.  Темата за овој пат што ја одбравме е „Моја младост – мој живот“, една многу инспиративна тема, така да нашите поетеси да се потсетат на времето кое е дамно минато, но сепак оставило траги во нивниот живот. Програмата ќе ја збогатиме со нашите солисти, дуети, како и хорот кој работи под диригентска палка на професорката Ивана – изјави Славица Ламбаша од Комисијата за културно-уметнички самодејностви.

Комисијата претходно оствари проект и со невладините организации во градот, а богата програма имаат и за периодот кој следува.

Оваа година ќе имаме традиционални наши два целовечерни концерти, каде ќе бидат застапени сите наши активности од културно-уметничкиот живот, поточно од културно-уметничкото друштво „Ѓоко Симоновски“, фолклорната секција, драмската секција каде што сме единствени во Република Македонија. За оваа година исто така се подготвуваме за сите наши настапи, со нови песни и содржини. На меѓународен план имаме соработка со фолклорни ансамбли во соседна Република Србија, така да ќе гостуваме кај Здружението на пензионерите во Крагуевац. Една значајна манифестација каде што ние сме домаќини е хорската средба на пензионери, под наслов „Распеани пензионери“ – изјави Ламбаша.

Во наредните неколку месеци најавуваат и повеќе настапи како низ државата, така и на меѓународен план.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)