Учениците од техничкото училиште „Наце Буѓони“ покажаа извонредни резултати на повеќе меѓународни, државни, регионални и општински натпреварувања. Тие се вратија со награди за освоени четири први места на натпревари на електромашински и сообраќајни училишта, како и по македонски јазик и фотографија.
Покрај првите места на регионално ниво, учениците од „Наце Буѓони“ освоиле прво место и на општинскиот натпревар по англиски јазик и едно трето место по математика.
Директорката на средното училиште „Наце Буѓони“, Лидија Михајловска истакна дека е презадоволна од резултатите кои што ги постигнале учениците.
-Учествувавме на многу други натпревари на зимската школа по астрономија, на регионалниот натпревар по физика, имавме две екипи на натпреварот на технолошко-металуршки факултет за нано материјали-изјави таа.
Директорката додаде дека во наредниот период ќе се подготвуваат за државниот натпревар на електромашински училишни центри, кој треба да се одржи во Прилеп.
-Тука треба да се докажеме дека на државно ниво навистина сме едни од најдобрите училишта. Исто така и на натпреварот по народна техника имаме пријавено голем број екипи и тоа е натпревар на државно ниво, под покровителство на електротехничкиот факултет и Mинистерството за образование, еден многу важен настан на кој секоја година остваруваме видливи резултати-истакна таа.
Инаку училиштето веќе интензивно се подготвува и за техно саемот, односно традиционалниот натпревар за осмооделенци, кој се организира по повод 24-ти мај, Денот на просветителите. Тие ги повика сите осмооделенци од општината да учествуваат на саемот.