(ВИДЕО) Над 1700 граѓани вакцинирани против сезонски грип

Над 1700 граѓани досега се вакцинирале против сезонски грип во Центарот за јавно здравје Куманово. Според началничката на епидемиолошкото одделение д-р Јадранка Стаменковска станува збор за граѓани кои што аплицирале преку „Мој термин“, а се со хронични заболувања и секоја година покажуваат голем интерес за вакцинацијата.

-Вакцинацијата течеше во најдобар ред, се покажаа голем интерес, меѓутоа пациентите укажаа дека имаат мал проблем со закажувањето преку „Мој термин“, односно во читањето на пораките, така што ние по нашите списоци ги проверувавме и се јавуваме на пациентите за да не го пропуштат својот термин. Центарот за јавно здравје, исто така набави и комерцијални вакцини 400 дози, од кои веќе имаме дадено 250 дози на вакцини наменети за оние лица кои што не ги исполнуваат условите преку „Мој термин“ да се вакцинираат бесплатно. Се уште располагаме со 150 дози на вакцини, изјаив Стаменковска.

Во текот на денешниот ден против сезонски грип ќе бидат вакциницирани 70 здравствени работници кои се пријавиле за имунизација, а завршена е и вакцинацијата на 66 лица кои што се згрижени во Домот за стари лица „Зафир Сајто“, посочуваат надлежните.

-Центарот за јавно здравје годишно има вакцинирано од 800 до 1.000 вакцини во текот на изминатите години. Минатата година се покажа голем интерес, тогаш вакцинацијата се одвиваше исто преку „Мој термин“, меѓутоа беше задолжен Здравствен дом, оваа година вакцинацијата ја извршува Центарот за јавно здравје и можам да кажам дека двојно е зголемен интересот за вакцинација особено откако вакцинацијата е бесплатна, односно се реализира преку „Мој термин“, изјави д-р Јадранка Стаменковска, Центар за јавно здравје Куманово

Вакцинацијата против сезонски грип започна на 12 ноември. Хронично болните, граѓаните над 65 – годишна возраст, бремените жени, децата и здравствените работници кои што сакаат да вакцинираат се пријавуваат на сајтот vakcinacija.mk, а потоа добиваат СМС пораки во кои им е биде напишан датумот, часот и местото за вакцинација.

Коментари

коментар(и)