Намален број на сообраќајни незгоди и криминал

Намален криминалитет, број на сообраќајни незгоди и прекршоци за  јавниот ред и мир за 2014 година, покажува извештајот на полициската станица од Општа надлежност во Куманово. На 35-тата седница на Советот на Општина Куманово советниците од владејачката партија во градот, го поздравија извештајот на полицијата, но наведоа дека треба да продолжи со решавање и на останатите проблеми. Тие побараа да се врати полицаец позорникар, кој ќе патролира низ улиците во градот.

-Добивме еден извештај од полициската станица Куманово кој охрабрува, внесува сигурност меѓу граѓаните. Ние во советот тоа го констатиравме бидејќи криминалот во Куманово е намален. Според извештајот на полициската станица голем број од овие предмети се решени. Полициската станица работи нонстоп така што си ја гледаат луѓето работата и на задоволство на граѓаните и на нас советниците имаме еден позитивен извештај, но да не застане тука-изјави советникот од ГРОМ, Драги Караѓински.

Командирот на полициска станица од Општа надлежност Куманово, Антон Витковски наведе дека тие пишуваат соодветни глоби за зафатените тротоари, но тоа не дава доволно резултати, за да се среди сообраќајниот хаос во градот.

-Секојдневно се подигаат возила и се носат во депото, но доколку пајакот помине на една улица таа ќе е чиста, но додека пајакот повторно се врати на улицата таму се паркирани неколку возила. Тоа е проблем на самата култура во заедницата, не е проблем во мене, полицијата или вработените во пајак службата-истакна Витковски.

Инаку тој нагласи дека на реонот кај Зелениот пазар  во скоро време повторно ќе се појават препродавачи, па затоа таму веќе се поставени полициски службеници. Командирот ја повика и локалната самоуправа да продолжи да излегува на терен и заеднички да преземаат мерки.

Коментари

коментар(и)