Нападната полициската станица во Гошинце

Поголема вооружена група од Косово ноќеска ја нападнале караулата Гошинце на македонско-косовската граница. Нападот се случил во 2 часот и 30 минути, кога 40-тина лица заробиле четворица полицајци, кои биле дежурни во караулата. Од Министерството за внатрешни работи нападот го окрактеризираа како терористички чин.

Според портпаролот на МВР Иво Котевски лицата биле добро вооружени и носеле маскирни униформи со ознака на УЧК и меѓу себе комуницирале на албански јазик.

– Напаѓачите ги разоружиле и тројца од нив ги врзале со лисици, а почнале да удираат еден од полициските службеници. Лицата извадиле и камера и го снимале настанот. Лицето кое што ја предводело групата, на албански јазик преку преведувач кој говорел на лош македонски со србизми им се обратил на врзаните полицајци со следниве зборови:„Ние сме од УЧК и пренесете на сите дека ниту Ахмети, ниту Груевски не може да ве спаси. Ние сакаме наша држава и не сакаме никакви охридски договори, повеќе никој не смее да дојде нагоре. Доколку вас или било кој друг фатиме повторно сите ќе ве ликвидирамее„,- рече Котевски и додаде дека членовите на групата го одзеле оружјето кое го пронашле во полициската станица и радиоврските на полициските службеници и им ги искршиле мобилните телефони.

Маскираните вооружени лица на заминување им кажале на врзаните полицајци за половина час пеш да ја напуштат караулата и им се заканиле дека доколку повторно се вратат или останат ќе ги ликвидираат.

Според првичните сознанија и оперативните информации на МВР, станува збор за лица од Косово, но дополнително се преземаат мерки за обезбедување на соодветни докази.

МВР презема мерки за целосно расчистување на нападот врз караулата.

По ноќешниот инцидент, во Куманово се забележува зголемено присуство на полицијата.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)