Наредната година ќе се гасифицира Општата болница. Ова го истакна при денешната посета на Куманово, министерот за здравство Венко Филипче, потенцирајќи дека гасификацијата на овој објект е една од најдолгорочните мерки за спречување на аерозагадувањето во градот. Болницата досега се затоплуваше на мазут, кој важи за голем загадувач.
-Неколку пати разговаравме со градоначалникот и со директорката на болницата, тоа го ставивме како приоритет на министерството на почетокот на 2019-та година, ќе одвоиме посебен дел од буџетот за таа намена, посебно за Куманово бидејќи гасот е стигнат до болницата и најбрзо тој проект може тука да се реализира. Свесни сме за важноста на гасификацијата како во однос на загадувањето така и во економичност на работењето на кумановската болница-изјави Филипче.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски дополни дека јавното претпријатије Куманово гас и општината се подготвени во секој момент да испорачаат доволна колична на гас.
-Работиме заедно веќе сме во фаза на завршни договори, кој кои обврски да ги преземе, најбитно е финансирањето во делот на внатрешната инсталација на болницата, која чини многу повеќе во однос на носење на самата гасоводна мрежа на локацијата. Тоа е реално остварлив проект, се надевам дека градската болница веќе следната година ќе го користи гасот како енергенс, со што ќе постигнеме и еколошки ефект првенствено, бидејќи како што знаете, главната мерна станица за воздухот е лоцирана токму во градската болница, во непосредна близина на затоплувањето кое е на мазут и поради тоа имаме ефект од мерења кои покажуваат многу високи резултати на присуство на пм 10 честичките таква не е состојбата на тертиорија на целата општина-нагласи Димитриевски.
Тој дополни дека на градот му се потребни неколку нови мерни станици, за да испитувањето се врши на повеќе локации, бидејќи испитувањата покажале дека загадувањето е различно на одредени населени места.