Наставничкиот пленум го поддржа денешниот протест

Учениците и наставниците денеска протестираа пред подрачното Министерстворо за образование и наука барајќи укинување на новите реформи во образовниот систем. До самиот почеток на протестот, неизвесно беше дали наставничкиот пленум ќе им даде  јавна поддршка на средношколците. Иако скоро месец дена присуствуваат на состаноците на средношколскиот пленум, велат дека пресудно за нивната одлука да се придружат биле истите проблеми со кои се соочуваат и учениците и наставниците.

– Кои се тие проблеми? Образование коешто не е добро, реформи кои сите ги посакуваме, меѓутоа не вакви. Реформи, да, сите сме за модерно образование, но не реформи кои некој ќе ги донесува без да праша оние коишто се директно вклучени во реформите. Значи наставничкиот пленум се вклучи не случајно, туку со цел и со намера да го поддржи средношколскиот пленум, затоа што сакаме измени во законот за основно образование, за средно, па и за високо образование, изјави Маја Стојановска, професор во ОУ „Кочо Рацин“.

Од наставничкиот пленум најавија дека од сега па натаму, сите активности на учениците ќе ги поддржат, бидејќи тие сметаат дека со нивната поддршка придонесуваат за подобрување на образовниот систем, којшто е најважниот сегмент на едно општество.

-Сите наредни активности коишто ќе бидат во договор со средношколскиот пленум, ќе ги превземаме заедно. Значи во договор со средношколците. Активности ќе следат од понеделник, ќе бидете известени и ќе видите со што ќе настапиме. Знаеме само дека нетрпението се разгорува, се проширува бојкотот и тоа е тоа, додаде Стојановска.

Учениците велат дека денешниот протест е најмасовен и најдобро организиран од претходните четири. Тие до сега се обиделе да договорат средба со надлежните од министерството, но нивните напори биле неуспешни.

– Ние имавме обиди и за неформални средби, успеавме да издејствуваме на една средба со инспекторатот во Куманово. Тие разговараа на пријателска база со нас, меѓутоа тие не можат да ни помогнат во ниту еден поглед. Не можат да договорат средба со Министерот, ниту да дадат некаков предлог. Тие само може да го спроведуваат законот и се што можат да ни помогнат е да ни дадат совети за правните регулативи, изјави Никола Крстевски, член на Средношколски пленум, Куманово.

„Нема правда – нема мир“ гласеше паролата на средношколците, кои заедно со наставничкиот пленум се собраа пред подрачното одделение на Министерството за образование. Од понеделник најавуваат нови активности, за кои накнадно ќе бидеме информирани.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)