„Нашата Фукушима“ во Уметничка галерија

„Нашата Фукушима“ е насловот на изложбата која се отвори синоќа во Уметничката галерија. Кумановци имаа можност да видат над 120 дела од 86 уметници и 36 учесници од светот. Изложбата е дел од Гоњоши арт проџект. Истата ја иницирале Ед Хансен и Фред ван Вели, инспирирани од гоњоши песните на јапонскиот поет Таро Аизу, во кои се зборува за Фукушима, и нуклеарната катастрофа по цунамито во март 2011 година. Инаку минатата година оваа изложба се одржа во Сеул, Јужна Кореја.

-На изложбата околу 60 проценти се уметници од странство, 40 проценти  од Македонија. Имаме техники од слики, графики, цртежи на хартија, фотографија, звук, видео-изјави Маја Кировска, еден од организаторите.

Изложените дела потекнуваат од 21 земја ширум светот. Инаку учествуваат и ученици од две средни училишта, меѓу кои едното е од Куманово.

-29 од гимназијата Гоце Делчев од Куманово под менторство на професорката Валентина Јовановска и седум ученици од Холандија. Се надевам дека овој проект ќе стане традиционален и можеби ќе го направиме така што ќе организираме летен камп каде ќе дојдат ученици и возрасни од целиот свет, кои ќе пишуваат поезија и ќе ги отсликуваат своите поеми во уметнички творби-нагласи Јаготка Томовска, еден од организаторите.

Целта на овој проект е да се подигне свеста за проблемите кои се уште постојат во Фукушима, да се привлече вниманието на светските лидери на опасностите и несреќите кои можат да бидат предизвикани од неконтролираната употреба на нуклеарната енергија. Од 15-ти септември изложбата ќе можат да ја видат и Скопјани.

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)