Најатрактивните програми и мерки од Оперативниот план 2021 повторно достапни на граѓаните

Најатрактивните програми и мерки од Оперативниот план 2021, за кои изминатиов период имаше најголем интерес, од денес повторно им се достапни на граѓаните, информираа на денешната прес-конференција министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и директорот на Агенцијата за вработување, Абдуш Демири.

Надлежните потенцираа дека на ваков начин, граѓаните и работодавачите добиваат уште една дополнителна шанса да аплицираат за програмата Самовработување, мерката Субвенционирање на плати, мерката Практиканство, мерката Обука на работно место за познат работодавач и програмата Јавни Работи.

„Мерките од Оперативниот план, кои се реализираат преку Министерството за труд и социјална политика и преку Агенцијата за вработување, обезбедуваат поддршка за креирање на нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, посебно на младите, долгорочно невработените и корисниците на гарантирана минимална помош, како и поддршка на невработените лица на кои престанокот на работниот однос им е регистриран во периодот на кризата предизвикана поради Пандемијата со КОВИД-19“, истакна министерката Шахпаска.

Директорот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, Абдуш Демири информираше дека оние лица кои веќе аплицирале за овие мерки и програми не треба да аплицираат повторно бидејќи нивните апликации се земени предвид.

„Денеска за прв пат е објавен и јавниот оглас за Обуките за развој на дигитални вештини кои ќе опфатат 400 невработени лица и ќе ги надградат нивните вештини  во областа на информациските технологии заради зголемување на нивната конкурентност и побрза интеграција на пазарот на трудот“, рече директорот Демири.

За крај би сакал да акцентирам, додаде Демири, нашата цел е во што поголема мера да излеземе во пресрет на потребите на невработените лица и работодавачите и да одговориме на барањата на пазарот на трудот. Вработените во Центрите за вработување се подготвени и ги повикувам сите заинтересирани невработени лица и работодавачи подетално да се информираат за Оперативниот план за 2021 и да аплицираат за програмите и мерките кои се од значење за нив.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)