На пет места ќе се скока по светиот крст

На пет различни локации  кумановци годинава ќе имаат можност да скокааат по светиот крст  по повод големиот христијански празник Водици -Богојавление . Освен во базените на црквите Свети Никола, Света Троица и Света Мина , по крст ќе се плива  и во реката Липковка во Бедиње во организација на црквата Света Петка, а напладне втора година по ред се организира скокање по крст и на затворениот градски базен. Оваа најмасовна манифестација ја организираат кумановско осоговската епархија, општина Куманово и четирите пливачки клубови од Куманово.

-Во сите цркви во Куманово литургијата ќе започне во 08 часот. Во соборниот храм ќе чиноначалствува владиката Јосиф , после тоа ќе освети вода , а и во другите цркви ќе има голем водосвет и веднаш после тоа ќе пристапат свештениците да се фрла крстот во базените кои што се во дворовите на црквите, а која црква традиционално оди на река , на бреговите од реките и таму ќе има. Единствено разлика во часот е на градскиот базен во Куманово, во 12 часот е закажано осветувањето на водата и фрлањето на крстот. Во црквите нема потреба некој да закажува за да скока по крстот, а на градскиот базен ќе мора на билетарницата да отиде за да остави податоци затоа што таму мора да има поголема организација, изјави Игор Здравковски, портпарол на Кумановско осоговска епархија

На минатогодишната манифестација , најсреќен меѓу осумдесеттемина кои пливаа до крстот беше 16-годишниот Стефан Мирчевски.

Инаку, празникот Богојавление се поврзува и со консумирање пивтии, традиционално јадење кое што се подготвува еден ден порано. Годинава , празникот Водици се паѓа во петок, поради што поголем број од граѓаните се во дилема дали во петок кога вообичаено се пости, треба да се јадат пивтии.

-Богојавление е господов празник и без разлика дали е среда или петок, пивтии ќе се јадат, изјави Игор Здравковски, портпарол на Кумановско- осоговска епархија

Водици или Богојавление е денот на кој според христијанското предание Св. Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан.

Коментари

коментар(и)