Невработените аплицираат за напредни ИТ вештини

Невработените до 34 годишна возраст кои што се евидентирани во центарот за вработување  Куманово можат да аплицираат за трите јавни огласи за стекнување вештини од областа на информатиката и информатичката технологија. Повиците се објавени на 14-ти септември годинава на веб страната на Агенцијата за вработување и на огласната табла во кумановскиот центар за вработување, информира раководителката Марија Димитријевска.

Целта на мерката, посочува Димитријевска е да се надградат вештините на младите невработени лица во област која што моментално е атрактивна на пазарот на труд и нуди добро платени работни места. За оваа мерка се обезбедени 35 милиони денари за 1.253 невработени млади лица, на ниво на државата.   

-Првиот оглас до евидентираните невработени лица е за обуки за напредни ИТ вештини и со овие обуки невработените лица се стекнуваат со вештини од областа на информатика во неколку модуларни програмски пакети. Услов кој што треба да го исполнат невработените лица за да можат да аплицираат на овој повик е да се млади лица до 34 годишна возраст, невработени, активни баратели на работа и да имаат одредени предзнаења од областа на информатика затоа што е предвидено и пред-тестирање се со цел за да можат успешно да ги совладаат овие обуки и да се стекнат со соодветни сертификати.

Објавен е и јавен оглас за воведни обуки за ИТ вештини кои што ќе се спроведуваат онлајн. Генерално, поделени се во две портфолија, Mikrosoft  и Adobe, велат надлежните.

– И овде условите се исти како и во претходниот оглас, лицата да се невработени, активни баратели на работа, млади до 34 годишна возраст, да имаат завршено минимум средно образование и да имаат основни познавања од областа на информатиката, изјави Марија Димтријевска, раководител на Центар за вработување Куманово

 Обука за напредни ИТ вештини кој што ќе биде со ко-финансирање, 49 проценти од страна на Агенцијата за вработување и 51 процент од спроведувачот на обуката е третиот повик објавен од Агенцијата.

 -За оваа мерка е објавен и јавен повик за спроведувачи на овие обуки за напредни ИТ вештини со изразување на писмо за интерес да поднесат апликација до Агенцијата за вработување и овде е предвидено спроведувачот на обука во период од 12 месеци по завршување на обуката  на 50 проценти од лицата кои што успешно ќе ја завршат да им обезбеди вработување во други компании кои што се занимаваат со информатички технологии, изјави Димитријевска.

Од центарот за вработување ги повикуваат невработените што поскоро да поднесат апликации бидејќи огласот за ИТ вештини со ко-финансирање е отворен до 25-ти септември, а останатите повици се до крајот на годинава , односно до исполнувањето на предвидената бројка.

Коментари

коментар(и)