Недостигаат дефектолози за лицата со посебни потреби

Иако постојано се зголемува бројот на деца со посебни образовни потреби, во градот од 22, само во четири училишта, има вработено дефектолози. Ова беше истакнато на денешната трибина на тема „Состојбата и предлог мерки за олеснување на инклузијата во образовниот процес на лица со посебни потреби во Куманово“, којашто ја организираше Секторот за образование при локалната самоуправа. Според податоците во основните и средни училишта во Куманово, дури 400 деца се со посебни потреби, а нема стручни лица на кои може да се обратат,  иако 15-ина дефектолози чекаат вработување.

-Таква помош им е потребна и на родителите на тие деца, на наставниот кадар кој во редовната настава има потешкотии како стручно да пристапи кон овие лица со попреченост. Факторот кој треба да вработува дефектолози кои ги има во систематизациите на сите училишта е Министерството за образование. Ова ќе биде и еден апел кон нив да си ја завршат работата за што и постојат, а ние во рамки на нашите можности ќе дадеме придонес за да помогнеме на оваа категорија на ученици и родители кои заедно со децата имаат потешкотии-изјави Жика Крстевски раководителот на Секторот за образование.

Според надлежните инклузивното образование стана привилегија за децата со посебни потреби, па само родителите кои имаат финансиски средства можат да си ја овозможат оваа поддршка.

-Куманово нема развиено мрежа на самостојно живеење со поддршка, нешто што е најголем проблем на сите семејства, на сите родители на деца со умерена и тешка интелектуална попреченост, таа неизвесност постојано ги мачи, затоа што на поголема возраст нема да може да останат во истиот град и да ги имаат секојдневните контакти со своите семејства. Исто така немаме развиено мрежа на згрижувачки семејства, деца од нашата општина има сместено во другите општини, но за жал во Куманово немаме згрижувачи кои што би ги прифатиле нашите деца-нагласи Наташа Станојковска Трајковска, доц. д-р Институт за дефектологија.

Претставниците на невладиниот сектор истакнаа дека потребата од стручен кадар кој ќе работи со овие лица е голема. Според нив не може да се вклучат деца со попреченост во образование, доколку нема вработено дефектолог, логопед и психолог.

-Исто така со редовните наставици да работи на индивидуалното планирање да има индивидуален пристап со тие деца, се со цел да постигнувањата нивни да бидат во рамките на очекуваното значи за да имаме квалитетна настава мора да имаме стручен кадар. Македонија се труди да го почитува тоа право но не доволно , ние сметаме дека не е доволно бидејќи самиот процес на инклузија почна од 1998 година-изјави Горан Петрушев, невладин сектор.

Според податоците на Министерството за труд и социјална политика на ниво на државата во градинките се регистрани 198 деца со посебни потреби. За разлика од останатите градови, во Куманово секоја градинка има вработено по еден дефектолог и логопед. Надлежните се согласија дека со заедничко здружување на Центарот за социјални работи,  Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука, општината и невладините организации може да се придонесе за поквалитетен живот на оваа категорија  граѓани.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)