Недостига возило за гаснење пожари на висококатници

Територијалната противпожарна единица Куманово има потреба од набавка на возило за гаснење пожари на висококатници. Ова беше истакнато на последната седница на Советот на Општина Куманово. Советниците ја поздравија работата на пожарникарите, но нагласија дека е недозволиво ваква единица да се остави без опрема. Според нив општината, но и државата бидејќи таа ја пренесе оваа надлежност на локалната самоуправа, мора да вложат средства за опремување на противпожарните единици.

-Еден град како Куманово најголема општина во државата, да нема скала со која е во можност да се качи на некој кат на зграда, тоа е сериозен недостаток. Факт е дека секогаш може да се случи пожар, како ќе реагирате ако нема основни средства. Доколку опшината нема средства да набави такво возило, ќе побара директна помош од државата. Доколку државата има пари да гради споменици во Скопје, ќе има можност да даде средства и да одвои да се набави една ваква опрема-изјави Максим Димитриевски, претседател на Советот.

-Навистина постои потреба од набавка на опрема бидејќи без неа ваква служба не може да функционира, особено она што се однесува на гаснење пожари на висококатници, бидејќи ние сме една урбана средина каде се повеќе се градат згради-нагласи советничката  Снежана Захариева.

Командирот на теориторијалната противпожарна единица Куманово, Деан Илиевски нагласи дека прават напори за набавка на возила.

-Секоја година бараме и се обидуваме да набавиме возило со хидраулична платформа ново возило такво чини од 500 до 700 илјади евра. Половно е тешко да се најде, се обидуваме на сите начини, навистина оди многу тешко-нагласи тој.

Секретарот на Општина Куманово, Валентина Алексовска потенцираше дека веќе неколку пати побарале средства од државата, но се уште не наишле на позитивен одговор. Инаку на последната седница на Советот на Општина Куманово беа усвоени годишниот извештај на територијалната противпожарна единица куманово за 2015-та, како и програмата за работа за 2016 година.

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)