Немаше дискусија на јавната расправа за задолжување на општината

Општина Куманово денеска организираше јавна расправа во однос на долгорочното задолжување од околу еден милион евра, средства со кои се планира да се набави опрема за јавните претпријатија.

На јавната расправа, која траеше само неколку минути, присуствуваа поголем број граѓани, но и претставници на невладиниот сектор.

По кратката презентација на проектот од страна на Секторот за меѓународна соработка и евроинтеграции, беше даден збор на присутните, но никој не се пријави за дискусија.

Нацрт -одлуката за задолжување повторно ќе се најде пред советниците во Советот на Општина Куманово кои ќе треба да гласаат за одлуката, а кон крајот на годината и да отпочне проектот.

Во однос на јавната расправа, градоначалникот Максим Димитриевски  посочувајќи дека станува збор за општокорисен проект, очекува дека граѓаните  ќе го поддржат проектот, иако дополнително ќе се изјаснат во писмена форма.

-Информирам сум за оваа јавна расправа, имаат присуствувано некаде околу осумдесетина граѓани од нашиот град. Немало расправа иако очекував да има, но оставен е период дополнително граѓаните да поднесат свои мислења и видувања во писмена форма. Очекувам дека молкот значи поддршка на самиот проект. Се работи за општокорисен проект кој што ќе ги стави во повисока функција јавните претпријатија во градот се со единствена цел  да даваат поквалитетна и подобра услуга на нашите граѓани, изјави Максим Димитриевским градоначалник на Куманово

Предлог – Одлуката за долгорочно домашно задолжување на Општина Куманово во рамки на Вториот проект за подобрување на општинските услуги пред две седмици беше ставен на дневен ред на седница на Советот, но по многубројните критики од опозицијата дека во време на корона криза задолжување во висина од околу еден милиони евра со рок на отплата на десетина години е ризично, но и дека Советот може да одобри долгорочно задолжување на општината само по претходно одржана јавна расправа, која како што рекоа дел од советниците е предвидена со закон,  на која граѓаните и стручната јавност ќе имаат можност да го кажат своето мислење во однос на приоритетите,

градоначалникот Максим Димитриевски подоцна во текот на седницата побара Предлог -одлуката да се преименува во Нацрт-одлука за долгорочно домашно задолжување на Општина Куманово која ќе оди на јавна расправа и по однос на приоритетите и по однос на задолжувањето, а тој, како што рече тогаш, ќе  го прифати  мислењето на мнозинството. Според градоначалникот Димитриевски, по спроведените анкети на граѓаните и направените анализи било заклучено  дека главните приоритети на граѓаните се подобрување на комуналната инфраструктура, хигиената, сообраќајниот метеж во градот, гасификацијата“, заради што  е одлучено да се набави техничка опрема за јавните претпријатија „Водовод“, „Чистота и зеленило“, „Куманово –гас“ и „Куманово-паркинг“.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)