Нема „гледање низ прсти“ за непрописно паркирање

Секое непрописно паркирано возило кое го носи пајак службата е санкционирано од сообраќајната полиција и јавното претпријатие. Нема никакви злоупотреби, тврдам со морална и правна одговорност. Вака одговори на денешната седница на Советот на општина Куманово, директорот на јавното претпријатије Куманово-паркинг, Фадиљ Шабни. Тој одговори на прашањето на советникот од ГРОМ, Зоран Петрушевски дали на некои граѓаните им се „гледа низ прсти“, односно дали се санкционираат само за сообраќајниот прекршок во полицијата, бидејќи во извештајот не е наведена информација за поединечните случаи.

-Можеби е наш пропуст но за јавноста и за почит кон реално и искрено информирање, пајак службата работи во целосна соработка со сообраќајната полиција од СВР Куманово, ние сме поврзани систематски и нема каква можност да има злоупотреби во тој правец-наведе Шабани.

Советникот од коалицијата За подобра Македонија, Саша Николиќ праша бидејќи е активна акцијата Нулта толеранција за непрописно паркирани возила, на колку продажни места во моментов граѓаните можат да набават карти за паркинг услуга и на тој начин да избегнат несакани последици.

-Голем број сограѓани а особено оние кои доаѓаат од другите градови, држави не се во можност или можеби не знаат преку СМС порака да платат паркинг место и на тој начин да избегнат несакани последици. Конкретното прашање е колку такви места во општината постојат и дали постои начин граѓаните да се информираат на кои места можат да купат такви карти во текот на денот-дополни Николиќ.

Директорот на Куманово паркинг објасни дека картите можат да се набават на секое продажно место, кое се наоѓа во близина на зоната за паркинг.

-Во секоја трафика има такви карти моментално ние имаме отворена постапка за јавна набавка за зонско паркирање и тоа прашање ќе се регулира и граѓаните на брз начин, ефективно и навремено ќе бидат информирани за сите продажни точки, каде се продаваат тие карти-потенцираше тој.

На денешната седница советниците го усвоија годишниот и финансискиот  извештај за работата на јавното претпријатие Куманово паркинг за 2017-та, но и дадоа согласност за годишните планови за вработување за 2018-та и 2019-та година. Според планот од тековната година предвидени се 11 вработувања, но како што објаснија надлежните оваа бројка е согласно законската обврска, а по извршената систематизација ќе се утврди колкава е потребата од нови вработувања. Во ЈП Куманово паркинг моментално работат 35 лица.

Коментари

коментар(и)