Нема организиран пречек на Нова година

Годинава нема да се организира пречек на Нова година на градскиот плоштад. Со ваквата одлука на општината се укинува повеќегодишната традиција граѓаните заеднички како и досега со песните на некоја истакната група или пејач од Македонија или балканските простори да влезат во 2016-та година. Освен финансиските можности на локалната самоуправа, како причина се посочува и се послабата посетеност на организираниот пречек.

-Има повеќе причини, неспорна работа е дека една од нив се и финансиите бидејќи општина Куманово изминатите неколку години беше блокирана така што се наоѓаме во малку потешка финансиска состојба. Општина Куманово изминатите неколку години кога го организираше пречекот на Нова година на плоштадот повеќе од граѓаните се собираа или доаѓаа некаде околу 23,30 а околу 0,15 си заминуваа, а обично знаете дека  оние музички групи кои доаѓаат за Нова година имаат и малку повисока цена во однос на другите денови, тоа е исто така една причина и третата причина- граѓаните кажуваат дека треба или да се збогати новогодишната програма или да се направат измени на програмата, така што оваа година одлучивме да направиме нов концепт , изјави  Цоки Ристовски,  Сектор за култура  и спорт во Општина Куманово

Секторот за култура и спорт во соработка со Фондацијата за култура при општина Куманово на 30 декември ќе организира речиси целодневен  новогодишен хепенинг  на градскиот плоштад  поделен на неколку блокови. Надлежните најавуваат забава за граѓаните од сите возрасти.

-Во 11 часот за најмалите учесници односно за децата на плоштадот ќе дојде Дедо мраз да ги пречека и да им ја честита Новата година, во вториот дел е предвидено да имаме неколку кумановски групи кои исполнуваат народна музика, во третиот дел неколку групи од забавен карактер и на крајот ќе бидат рок бендови за помладата популација од 16 до 25 годишна возраст, така што оваа година во однос на минатите години малку имаме поинаков концепт  и идеја за пречекот на Новата година. Ние ќе направиме и пропаганден материјал, постери и плакати за да ги информираме граѓаните и подобро да бидат запознаени со оваа новогодишна програма,  изјави Ристовски.

За новогодишниот хепенинг општина Куманово ќе издвои од 100.000 до 120.000 денари, за разлика од претходните години кога за организираниот пречек на Новата година се трошеа и по 300.000 денари. Изминативе години кумановци имаа можност во новата година да влезат  уживајќи во песните на Северина, Даниела Мартиновиќ, Петар Грашо, Регина, Нокаут, Владо Јанвески, Тајзи и други.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)