Нема решение за проблемот со водоснабдување

Раководителите на двете водоснабдителни претпријатија во Куманово да седнат на маса и да се договорат за конкретно решение на проблемот со водоснабдувањето ставајќи ги во прв план интересите на граѓаните, а не политиката. Ова беше констатирано на денешната седница на Советот од повеќето присутни расправајќи по првата точка на дневниот ред.  Советникот Јовица Станковски  смета дека цената на водата не е пресудна  за лошото работење на јавното претпријатие „Водовод“.   Неплатените сметки за потрошена електрична енергија кон ЕВН  , заостанатите фактури кон останатите добавувачи, средствата за репрезентација се дел од проблемите кои придонесуваат за состојбата во „Водовод“.

Според градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски во решавање на кризата за вода треба да се вклучат релевантни чинители од министерството за земјоделство и од животна средина.

Од  „Водостопанство Кумановско Липковско поле “велат дека годинава испорачале најголемо количество технолошка  вода кон „Водовод “ споредбено со претходните две години. Во месец јули годинава се испорачани  над 650.000 метри кубни вода кон Филтер станицата,  иститот месец лани 619.000, а во 2013-та година  643.000 метри кубни вода, потенцира директорот Филип Филиповски, додавајќи дека освен од хидросистемот Глажња-Липково, „Водовод“  може да обезбеди вода од алтернативни извори.

Директорот на „Водовод“ Горан Стојковски потенцираше дека претпријатието иако работи со нужни средства ,  ги исплаќа сите долгови кон добавувачите, освен кон ЕВН и „Водостопанство“, бидејќи „Кумановско Липковско поле“ фактурите на „Водовод “ му ги доставува по повисока цена од договорената на состанокот во министерството за земјоделство. Количините вода што деновиве ги добива Филтер станицата 200 литри во секунда по сите водови не се доволни за континуирано водоснабдување на градот, вели Стојковски. Во врска со проблемот, претседателот на Советот предложи да се задолжи менаџерот на „Водовод “ да продолжи со изнаоѓање соодветно решение за непрекинато водоснабдување на секој корисник, а упати и апел до надлежните министерства да помогнат во решавање на проблемот.

Заклучоците заедно со информацијата за водоснабдувањето на градот беа изгласани со 19 гласови „за“ и 8 советници воздржани.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)