Ненад Краљевски ќе го предводи ЖРК Куманово

Ненад Краљевски е новиот тренер на Женскиот ракометен клуб Куманово кој ќе се обиде составот да го однесе до двојна круна сезонава во Првата лига и Купот на Македонија. Краљевски е пред голем предизвик со оглед дека Куманово е на втората позиција во табелата, веднаш зад Металург, од кој ги делат само пет бодови.

– Млада, перспективна екипа, женскиот ракометен клуб Куманово има многу добри услови за работа и за афирмација на сите млади играчи. Не ги запознав сите бидејќи неколку ракометарки се болни,  па не доаѓаат на тренинзи, но ги знам  нивните квалитети. Очекуваме да направиме добар резултат-истакна тој.

Своето деби тренерот со кумановки ќе го има веќе во недела кога во 19 часот ќе ги одмерат силите против ЖРК Стружанка. Натпреварот ќе се одигра во спортската сала на СОУ „Перо Наков“.

– Многу незгоден противник од Струга, се надевам дека девојките кои се болни, кои не тренираа одредено време, да бидат во составот, сигурно тоа нема да биде причина за да не се обидеме да го дадеме максимумот и тој натпревар да го завршиме како што и сите очекуваме. Разликата во поените е 5, со сите победи до крајот на првенството можеме да го очекуваме посакуваниот пласман, првото место, ќе видиме колку е тоа во моментов реално-изјави новиот тренер на ЖРК Куманово.

Краљевски кој по потекло е од Куманово, а со ракоментот се занимава 25 години, доаѓа од клубот на белградски Јуниор, со јасна цел двојна круна за Куманово и најголем успех во клупската историја на градот.

Коментари

коментар(и)