Неопходна меѓународна поддршка за мигрантската криза

Околу 4.000 мигранти за едно деноноќие пристигнуваат на железничката станица во Tабановце кои подоцна заминуваат кон прифатниот центар во Прешево, каде им се издаваат потврди, посочуваат хуманитарните здруженија кои ги пречекуваат бегалците кај монтажните објекти и им даваат храна и вода. Овој дневен центар синоќа го посетија државниот секретар во МВР Анастасија Илиеска и државниот секретар за европски прашања  во француското МНР Арлем Дезир. Иако на официјалната веб страна на МВР вчера беше најавено присуството на министерот за внатрешни работи Митко Чавков, наместо него дојде државниот секретар. Според Илиеска,  добро е кога останатите земји членки на ЕУ ќе се сетат дека РМ се соочува со проблемот на мигрантската криза.

Во моментов на државата и е неопходна поддршка и се надеваме дека ЕУ и нејзините членки ќе излезат во пресрет, рече Илиеска.

-Фактот дека мигрантите доаѓаат од граница на држава која што е членка на ЕУ е факт пред кој не треба да останеме глуви и неми и треба нешто веќе да се преземе.  Да станеме од масата и да одиме на терен да се справиме со кризата со која шти се справува цела европа, изјави Анастасија Илиеска, државен секретар во МВР

Македонија навистина поминува една тешка криза која што е без преседан заради што целокупната меѓународна заедница треба да се мобилизира и да и помогне на земјата кандидат за членка на ЕУ, посочи државниот секретар за европски прашања во француското МНР Арлен Дезир.

-За соочување со овие предизвици и за постигнување на таа цел ќе бидат мобилизирани сите служби затоа што соработката и европската солидарност е нешто што е многу важно во сите балкански земји, изјави Арлен Дезир, државен секретар во МНР Франција

И Дезир потенцираше дека треба да се зголеми контролата на границите, а од Грција побара да изгради прифатни центри за бегалците.

Хуманитарните организации очекуваат дека во наредниот период бројот на мигрантите кои сакаат да излезат од Македонија ќе се зголемува.

-Зголемен е бројот но генерално нема проблеми, освен проблеми околу обезбедување на храна и вода, понекогаш има проблеми со медицинска помош. Ова е дневен центар, место каде што кога ќе пристигнат од воз им дадеме храна и вода, седнат да одморат, пред да заминат накај Миратовац. Генерално немаме поголеми задржувања, изјави Александра Давидовска од Здружение на граѓани „Легис “

-На мигрантите им помагаме со разни производи, има пакетиња со паштети, вода, леб и кроасан, а ако има бебиња и млеко. Секоја вечер сме тука, имаме проблем со возовите кои не доаѓаат на закажаниот термин. Поминуваат преку 2.000,  а секој ден се зголемува бројката на мигрантите. Сега поделивме околу 400 пакетчиња и 400 кроасани, до помошта доаѓаме преку донации од физички лица или компании кои сакаат да помогнат, изјави Суад Бериша од хуманитарна организација „Мерхамет “

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)