Непристапноста – проблем за лицата со попреченост

Јавните установи, институциите, jавно – прометните површини во градот се непристапни за лицата со попреченост иако имаат загарантирано право на слободно движење, посочуваат од здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“. Истражувањето на „Инклузива“, но и набљудувањето на изборите покажуваат дека  71 процент од гласачките места се физички непристапни, земајќи ги предвид влезот и внатрешноста на објектот. Од здружението бараат надлежните да го почитуваат правилникот за обезбедување непречен пристап, движење и престој на лицата со инвалидност, односно Законот за градба.

-Образовните институции, училиштата каде што се гласа, бидејќи набљудуваме во тие објекти, можеме да кажеме дека ако има рампа не е направена според стандардите за пристапност и не може да се користи самостојно од лицето со попреченост со количка, ако е рампата според стандардите од надворешната страна , внатре има скали.  Во едно училиште засега има померања, за првиот кат основното училиште Кочо Рацин веќе е пристапно , но лице во количка не е во можност да се искачи на вториот кат затоа што во внатрешноста за вториот кат има скали, а не постои лифт. Ние се запрашуваме учениците со попреченост кои се вклучени во образовниот процес како ќе ја следат наставата во погорните одделенија или како ќе ги вклучат во наставата ако се изведува настава по друг предмет на другите  катови. Значи повторно се сегрегира самото дете со попреченост, изјави Благица Димитровска, претседател на Здружение „Инклузива“

Околу 700  лица со инвалидитет користат количка како помошно средство за движење и секојдневно се соочуваат со проблеми за пристапноста. Оваа категорија на граѓани не може да го користи ниту капиталниот објект изграден со средства на Општина Куманово, градскиот базен.

-Во градот Куманово ние како организација ако треба да организираме некој настан не сме во можност да најдеме целосно пристапен ресторант за да може да влезе секое лице со попреченост, да посети една едукација или информативна работилница што на нив многу им значи да бидат информирани за своите права, така што маки мачиме со непристапноста. Треба да се поведе сметка, знаеме дека во нашиот град се изгради базен, нова градба, кој е непристапен за децата и лицата со попреченост , длабочината на базенот е два метра и воопшто не можат да се вклучат тука овие лица, а знаеме колку е корисно пливањето и хидротерапијата за оваа категорија на граѓани, изјави Димитровска.

Пристапноста за која упорно се залага  „Инклузива“ не се однесува  само за лицата со попреченост, туку и за мајките со малите деца во количка, повозрасните граѓани со бастун, слепите и другите лица кои што имаат проблем при движењето.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)