„Не биди ѓубре“ чистеше во населбата „Перо Чичо“

Дваесетина волонтери од движењето „Не биди ѓубре“ од Куманово вчера успешно ја реализираа деветтата волонтерска акција за чистење на смет низ градот. Овојпат нивна цел беше влезот на училиштето „Христијан Карпош“, односно улицата „Веселин Маслеша“, која се наоѓа во населбата „Перо Чичо“.

-Сакам да апелирам до месното население околу училиштето, да ни помогнат со тоа што нема да го фрлаат ѓубрето, туку ќе го ставаат каде што му е местото. Апелирам и до родителите бидејќи и јас сум родител на дете што учи овде, да ги советуваат децата од дома да знаат каде му е местото на сметот, и да не ги уништуваат кантите за отпадоци. Родители, мештани фрлајте го ѓубрето каде што му е местото-истакна Ивана Додевска Ефремовска од „Не биди ѓубре“.

Поддршка на акцијата даде и директорката на основното училиште „Христијан Карпош“, Лидија Костиќ.

-Училиштето прави крајни напори за хигиена во дворот но големи проблеми имаме со месното население кое несовесно создава смет околу училиштето. Голем апел до сите родители и граѓани да се внимава и секој од нив да се грижи за своето ѓубре зашто навистина ако сите фрлаат а одредени луѓе чистат нема да направиме ништо, мора да дадеме сите напор за да се одржува хигиената во ова населено место-нагласи таа.

Иницијаторите на волонтерските акции најавуваат бројни активности за цела есен. Велат дека акциите се организираат спонтано на Фејсбук група, но потенцираат дека е мал одзивот на месното население на локацијата која што се чисти.

-Ќе имаме уште поголеми акции заедно со одредени фирми од Куманово да не најавуваме однапред кои се нашите поголеми планови, меѓутоа она што е за жалење е што одзивот на месното население таму каде што чистиме е многу мал. Обично се собираме од сите населени места за да чистиме и нашиот апел и мото е дека: Не морате да ни се придружувате и да чистите како нас да волонтерате, меѓутоа она што го очекуваме е само да не фрлаат онаму каде што ќе стигнат, затоа што е факт дека живееме во град кој што е нечисто место, немаме каде да прошетаме, на сите улици, булевари има ѓубре во секој агол-истакна Андријана Колевска Недељковски од „Не биди ѓубре“.

Тие ги повикуваат сите заинтересирани граѓани да ја следат нивната Фејсбук група и да им се приклучат во некоја од наредните акции.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)