Новинарите не сакаат акредитации за Советот

Кумановските новинари не се согласуваат со одлуката за воведување на акредитации за следење на седниците на Советот на Општина Куманово. Тоа го потврдува фактот што во пресрет на утрешната седница, само тројца новинари поднеле барање за присуство. Тие сметаат дека на овој начин постои можност да им се ограничи слободата на изразување, затоа што може да се случи некој новинар од оправдани причини да не може навреме да аплицира, што значи дека нема да може да го проследи настанот и да ја информира јавноста. Велат дека во салата во која што со години се одржуваат седниците нема услови за такво нешто, а тоа нема да го подобри воведувањето на акредитација. Дел од нив револтот ќе го изразат со бојкот на утрешната седница.

-Акредитација бара оној кој сака да има контрола над медиумите. Јас сум против контрола над медиумите, нели се залагаме за слобода, која слобода имам јас ако седнам на едно место ни викаат тргни се на друго, и така натаму. Ова е страшно, јас утре нема да одам на седницата, можно е и следните седници да ги бојкотирам. Ова мора да прекине и ние новинарите треба да застанеме сите заедно и да кажеме стоп, трчајте вие по нас, ние сме тие што ве правиме ѕвезди, а не ние да трчаме по вас-изјави Светлана Антиќ Јовчевска, новинар.

-На последната седница беше толку смешно и бедно што имаше направено вовче, кој каде ќе седне нема услови за работа, кога ќе ни обезбедат, после нека бараат што мислат дека треба. И воопшто за Куманово ние сме тие медиуми, новинари. Се знаеме многу добро мислам дека нема потреба, но како локален медиум јас поднесов акредитација и ќе видиме понатаму како ќе функционира-наведе Сузана Андоновиќ, новинар.

И поранешниот претседател на Советот на Општина Куманово, Зоран Петрушевски е изненаден од новото задолжение за новинарите.  Наведе дека просторните проблеми постоеле и кога тој раководел со овој орган, но додава дека никогаш не размислувал да го ограничи бројот на новинари или условите за работа.

-Една таква одлука дополнително ќе ја отежне работата на медиумските куќи. Од една страна навистина ќе се воведе некаков ред, ако некој го злоупотребил порано, но од друга страна веројатно ќе ја отежне работата на редакциите, новинарите. Кој може кој не да дојде, зависи дали има или не, дали стигнале документите од седиштето на куќите некои се од Скопје, така што ова прашање во овој момент не го сметам за многу важно. Нашата општина се наоѓа во специфичен момент, огромен број на проблеми со кои се соочува така што логично се поставува дали ова е сосема случајно, сега да се ограничува слободата на медиумите во нашиот град-наведе Петруепшевски.

Според него јавноста е клучна и таа во секој момент треба да ги следи настаните, кои што однесуваат на донесување одлуки што се значајни за нив.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)