Нови контејнери во Транзитниот центар Табановце

Нови 1400 бегалци  со потекло од Сирија, Авганистан  и Ирак денеска напладне пристигнаа со воз на железничката станица Табановце. Со секојдневниот наплив на мигранти паралелно се доопремува и Транзитниот центар.  Дополнителни 20-тина  контејнери во наредниот период ќе се постават на Табановце. Според Центарот за управување на кризи, деновиве  се донесени 4 контејнери кои, откако ќе бидат приклучени на електрична енергија, ќе се стават во функција на бегалците. Носењето на нови контејнери предизвика сомнеж дека тие се наменети за отворање камп за бегалците и за економските мигранти кои се враќаат од Србија. Оваа информација ја демантираат од Транзитниот центар Табановце.
Според менаџерот на прифатниот центар, Горан Стојановски , одлуката за поставување на нови контејнери не е нова, таа е донесена пред 2 месеца и е во согласност со акциониот план на Главниот штаб. Тогаш и се нарачани контејнерите, кои пред три дена почнале да се доставуваат. Дел од нив ќе бидат монтирани на Табановце, а дел во Гевгелија.

Стојановски тврди дека кампот се проширува за да има доволен број на објекти што ќе примаат повеќе луѓе од различни категории, пред се, мајки со деца и болни, кои по неколку часа одмор ќе го продолжат патувањето кон Србија.

„Камп нема да се гради. Економските мигранти се илегални и тие не се задржуваат на наша територија туку откако ќе бидат откриени веднаш се транспортираат во Грција, – вели Стојановски.

Контејнерите на Табановце ги обезбедила меѓународната организација ИЈОМ. Луѓе од теренот велат дека тие се со големина од двесетина квадрати и опремени се со клима уреди за затоплување. Можат да примат едно семејство, обично оние кои пристигаат во ноќните часови и наутро го продолжуваат патот кон земјите на Европската унија. Досега во транзитниот центар се поставени  повеќе шатори, монтажни објекти и контејнери во кои можат да се сместат околу 1000 бегалци.

Инаку, што се однесува до градежните  и инфраструктурни активности, кампот се чисти неколку пати во текот на денот, се изнесува сметот од страна на јавното претпријатие Чистота и зеленило , а се врши и целосна дезинфекција на кампот од екипи на Центарот за јавно здравје, кои ги дезинфицираат и вагоните на возовите со кои пристигнуваат на железничката станица Табановце.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)