Нови санитарни јазли и уреден двор ќе добие ССОУ „Киро Бурназ“

Новата учебна година, средното стручно училиште „Киро Бурназ“ од Куманово ќе ја започне со реконструирани тоалети, а училишниот двор ќе биде комплетно уреден и ограден. Имено, санитарните јазли ќе добијат нова водоводна и канализациона мрежа, а реконструкцијата е финансирана од Министерството за образование и наука. За новата ограда, Општина Куманово издвоила средства во висина од 20.000 евра, а уредувањето на дворното место е во рамките на проектот „Градиме мостови“ за кој училиштето добило 7.000 евра од ОБСЕ.

– Најпрвин започнавме со оградата, на почеток на јули и треба да биде изведена во две фази. Првата фаза е оваа што е при крај, изградба на бетонскиот дел, а другата фаза е железниот дел. Започнавме и со реконструкција на тоалетите, се надеваме дека тоа до први септември ќе заврши, тоа ни е важно за да можеме учебната година да ја почнеме спремни, изјави Весна Трајковска, директор на ССОУ „Киро Бурназ“.

Директорката, Весна Трајковска, нагласи дека ваквите проекти се од големо значење, како за учениците, така и за вработените, бидејќи ги подобруваат условите за учење и работење. Таа додаде дека овие реконструкции биле потребни многу порано, бидејќи освен спортската сала, во училиштето до сега нема направено друга позначајна инвестиција.

– Оваа реконструкција на тоалети е прва, пред 65 години е направено училиштето и еве сега правиме поголема реконструкција. Знаете дека училиштето со години работело без ограда. Ова е од големо значење и за учениците и за вработените. Гледам дека децата се задоволни што училиштето конечно има ограда, наликува на вистинско училиште, а не онака една зграда ставена на нива, додава Трајковска.

Трајковска се надева дека ваквите инвестиции ќе привлечат поголем број на ученици во новата учебна година.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)