Нов лик ќе добијат „Браќа Миладиновци“ и „Бајрам Шабани“

Со пари од УСАИД се реновираат училниците во основните училишта „Браќа Миладиновци“ во Соколана и „Бајрам Шабани“. Во тек се градежните активности за замена на прозорците и подовите, а целосно ќе се обноват и училишните тоалети. Санацијата која е дел од проектот „Мултиетничка интеграција во образованието“, се очекува да заврши наредниве денови. Од училиштето се надеваат дека со реновираните училници ќе се подобрат условите за настава на учениците од прво до петто одделение.

-Ова за нас е од огромно значење со оглед на тоа што можам слободно да кажам од постоењето на ова подрачно  училиште во Соколана досега нема изведено вакво поголемо реновирање така што тоа е од големо значење за нас и нашите ученици, за да на 1-ви септември влезат во целосно ново опремени училници-изјави Елизабета Костадиновска Костиќ, помошник директор во основното училиште Браќа Миладиновци.

Претставникот на УСАИД, Лејла Јаковлевска истакна дека овие две модел училишта се пример за етничка интеграција на младите.

-„Браќа Миладиновци“ и „Бајрам Шабани“ во случајот се училиштата кои што се реновираат. Во исто време тие се две од оние кои ги викаме модел училишта кои што сме ги избрале, не затоа што се најдобри примери на етничка интеграција, туку затоа што таму тестираме различни пристапи на тоа како треба подобро да се интегрираме етнички всушност тоа е поентата на овој проект, не реновирањето на училиштата. Ова е само една дополнителна активност за да покажеме дека сакаме да ги наградиме тие училишта кои што мислат за етничка интеграција на младината во држава-наведе таа.

Со средства на УСАИД нов лик ќе добијат уште 40-ина училишта низ државата.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)